X
 05.07.2018 Живот

Работниците сакаат ѕидови

Научниците мереа што всушност се случува со интеракциите лице в лице кога вработените почнуваат да работат во отворени канцеларии и резултатите покажуваат дека модерните работни простории не се толку добри за соработка како што се мислеше.

Двајца истражувачи од бизнис-училиштето на „Харвард“ и Универзитетот „Харвард“ сакаат емпириски да тестираат дали отстранувањето на ѕидовите во реална работна средина ја зголемува интеракцијата меѓу колегите.

За таа цел, тие им пристапиле на две мултинационални компании кои ги реорганизирале нивните канцеларии и ангажирале мали групи вработени за две студии. Осум недели пред редизајнирањето на канцеларијата и осум недели потоа истражувачите ги следеле социјалните интеракции на вработените користејќи социометриски беџови, но ја следеле и нивната локација со помош на блутут-сензори.

Податоците биле анализирани заедно со информациите за е-пораките и допишувањата од серверите на компаниите за да се измерат разликите во тоа како луѓето комуницираат меѓусебно.

Утврдиле дека има зачудувачки голема разлика во интеракциите лице в лице, но не во насоката во која мислите.

Во двете истражувања личните социјални интеракции на вработените опаднале за неверојатни 70 отсто, додека кај користењето на електронската пошта бил забележан раст од 20 до 50 отсто.

Значи, наместо да трошат повеќе време „соработувајќи“ со соработниците во новиот простор каде што сите можат да ги видат, луѓето ги наведнувале главите надолу и се обидувале да ја зачуваат својата приватност на секој можен начин.

Според резултатите, изгледа дека присилувањето на луѓето да работат во поотворена средина може да ги натера да се префрлат од разговор со другите лично на испраќање електронска пошта или допишување.

Како што забележуваат истражувачите, ова автоматски не е негативно нешто, но сигурно дека може да ја смени работната динамика на неочекуван начин.


Фото: Pexels

Претходни испитувања покажале дека отворените канцеларии можат да имаат негативни психолошки ефекти, намалувајќи ги задоволството, концентрацијата и чувството на приватност на вработените.

Студиите покажуваат дека луѓето што се принудени да го делат работното место се чувствуваат маргинализирани, повеќе работи им го одвлекуваат вниманието, имаат негативни односи, а да не го споменуваме чувството дека нивните надредени им даваат помала поддршка.

Сепак, со оглед на тоа дека компаниите можат да заштедат многу пари ако не инвестираат во ѕидови и врати, не сме баш сигурни дека трендот на отворени канцеларии ќе исчезне набрзо, па би било добро да си ги усовршите вештините како да ги минимизирате работите што ви го одвлекуваат вниманието на работното место.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот