„Човекот со 1.000 деца“ (The Man with 1000 Kids), новата серија на „Нетфликс“ која ја прикажува приказната за Џонатан Мајер, Холанѓанец кој патувал низ светот и ја донирал својата сперма во многу клиники, ја шокира јавноста.
Очигледно, немајќи начин да се спроведат и онака слабите правила кои им забрануваат на донорите да даваат премногу примероци од нивната сперма, мажите, доколку сакаат, можат бескрајно да го искористуваат овој (не)систем.
Преку оваа мини-серија гледачите имаат можност да се запознаат со искуствата на неколку жени што ја искористиле спермата на овој маж. На пример, геј-двојката Сузан и Натали го запознале како приватен донор и биле импресионирани од неговиот добар изглед, здравјето и интелигенцијата. Мајер тогаш им рекол дека планира да ја донира својата сперма само на пет семејства. На крајот, Сузан и Натали, благодарение на него, добиле две деца.
Наводно, овој маж од Холандија често велел дека сака да ја донира својата сперма само на пет семејства. Кога конечно се појавиле сомнежи меѓу семејствата, тие почнале да се обединуваат на фејсбук-група. Ги мапирале неговите патувања благодарение на неговите јутјуб-видеа и ги споредиле со списоците на донори во блиските банки за сперма. Постепено им станало јасно дека не запознале алтруистички хипи-младич, туку некој што одлучил да биде татко на што е можно повеќе деца, без оглед на ризиците од сродство и потенцијалниот несвесен инцест кај потомството. Врз основа на сè што успеале да откријат, тој лесно можел да има до 3.000 деца досега.
Кога го откриле, родителите му се обратиле. Но, тој ги одбил нивните молби да престане да ја загрозува иднината на децата, па родителите поднеле тужба.
Документарната мини-серија ги следи приказните на жените од почетната радост на бременоста до расплетот на ужасите, собирањето на жртвите и завршниот судски процес во кој се наредува Мајер повеќе да не ја донира својата сперма, под закана од казна од 100.000 евра.
Мајер со одговор за серијата на „Нетфликс“
Мајер за Би-би-си изјави дека мини-серијата на „Нетфликс“ е заблуда затоа што им дава важност на оние што се несреќни наместо на многуте други семејства за кои тврди дека му се благодарни. Исто така, тој нагласи дека не гледа „апсолутно ништо лошо“ во тоа да се биде татко на стотици деца. Тој одби да биде интервјуиран за серијата на „Нетфликс“, но објасни дека стриминг-платформата направила грешка што ја нарече серијата „Човекот со 1.000 деца“.
- Мислам дека „Нетфликс“ направи одлична работа што избра пет несреќни семејства наспроти 225 семејства на кои им помогнав, а тие семејства дефинитивно би ви кажале нешто друго - вели тој.
Според Би-би-си, Мајер е донатор веќе 17 години. Во многу случаи, тој донирал приватно, што значело дека бил во директен контакт со семејствата наместо преку приватна клиника.
На прашањето дали мисли дека 550 е многу, Мајер одговори дека тоа е многу за нормален маж, но не и за донор на сперма.
Извор:
The Guardian
Фото: Screenshot/YouTube