Новата серија на Нетфликс - „Легенди“ ги освои и гледачите и критичарите, а моментално се наоѓа на четвртото место на листата на најгледани серии. Дел од критичарите веќе предвидуваат дека би можела да стане најгледана криминалистичка серија оваа година.
Серијата се споредува со модерни криминалистички хитови како „Градоначалник на Кингстаун“ и „Наркос“. Автор на проектот е Нил Форсајт, а „Легенди“ веќе е меѓу најгледаните серии на „Нетфликс“ на глобално ниво.
Исто така, серијата доби висока оцена од публиката, околу 86 отсто на „Ротен томејтос“, а многу гледачи велат дека ја изгледале целата сезона во еден ден.
И критичарите имаат позитивни критики за серијата. „Фајненшл тајмс“ ѝ доделил пет ѕвезди, опишувајќи ја како елегантна и совршено усогласена серија која не попушта ниту момент.
„Тајмс“ ја нарекува голема, адреналинска драма со силен дух на раните деведесетти и британски хумор, додека „Колајдер“ смета дека би можела да стане најгледаната криминалистичка серија на платформата оваа година.
За што се работи во серијата?
Серијата е инспирирана од вистинска криминалистичка истрага од 90-тите години, опишана во книгата „Предавникот: Како тајна единица се инфилтрира во глобалната трговија со дрога“ од Гај Стентон и Питер Волш.
Приказната се одвива низ шест напнати епизоди и ја следи царинската служба на Обединетото Кралство, чии членови добиваат задача да се инфилтрираат во опасна криминална мрежа.
Тие не се обучени шпиони, туку обични луѓе од секојдневието кои добиваат нови идентитети за тајна работа. Тие идентитети во серијата се нарекуваат „легенди“. Во главните улоги се Том Берк и Стив Куган.
Фото: Screenshot/YouTube