Во нејзина чест вчера и денеска во родниот Охрид се одржува научниот собир „Охрид и Балканот, археолошки погледи“, на кој учествуваат реномирани археолози-научници од земјава и од регионот
„Таа е научник кој никогаш не трага по сензации. Нејзината големина cе состои токму во умешноста не само од големите, атрактивни наоди, туку и од малите и навидум безначајни откритија да извлече големи заклучоци значајни за археолошката наука. Учествувала и раководела со голем број археолошки истражувања, но секогаш вели: 'Голем Град е најубавиот терен. Малу археологија, малу одмор покрај езерото...'“
Фото: Факултети.мк
Со овие зборови археологот Силвана Блажевска прецизно ја опишува својата професорка и менторка, академик Вера Битракова-Грозданова. Во нејзина чест вчера и денеска во родниот Охрид се одржува научниот собир „Охрид и Балканот, археолошки погледи“, на кој учествуваат реномирани археолози-научници од земјава и од регионот. Собирот го организира Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија на науките и уметностите во чест на нејзиниот 80. роденден. Свои трудови презентираат 40 експерти од земјава, Грција, Бугарија, Словенија, Русија, Хрватска, Бугарија и од Соединетите Американски Држави.
Александра Николовска од Истражувачкиот центар при МАНУ, долгогодишна соработничка на д-р Битракова, вели дека нема подобар начин нејзиниот роденден да се одбележи со меѓународен собир, на кој учествуваат сите што имале можност директно да соработуваат со неа.
- Кога станува збор за соработката, археологијата ги надминува денешните политички бариери, особено тоа се однесува на експертите со кои ние соработуваме, независно од која држава доаѓаат - вели Николовска.
Фото: МИА
Битракова-Грозданова е еден од најреномираните археолози-истражувачи во Македонија. Со повеќе од 100 научни труда зад себе, таа е дел од силната генерација што ја издигна археологијата на високо научно ниво во изминатите 50 години, прво во Југославија, а потоа и во независна Македонија. Едуцира многу генерации на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа и како редовен член на МАНУ. Нејзината научна работа е исклучително значајна за археологијата, а за тоа говорат богатата библиографија и нејзините големи познавања на разни проблематики од раноантичката, римската, па и средновековната археологија.
Блажевска се навраќа на 1999 година, кога почнала нивната заедничка работа и дружба на археолошките локалитети и тоа на oстровот Голем Град – Преспа.
- Проф. Битракова-Грозданова учествувала и раководела голем број археолошки истражувања, но секогаш вели: „Голем Град е најубавиот терен. Малу археологија, малу одмор покрај езерото...“ И навистина е така. Но, оние што го познаваат островот, непредвидливото езеро и условите за работа, знаат дека е потребен голем напор да cе организира еден ваков терен, практично надвор од цивилизација. Честопати на островот, или во релаксирана попладневна атмосфера во с. Конско, каде што со години е сместена екипата, таа раскажува за нејзиното прво доаѓање на островот во дамнешните шеесетти години, кога во селото немало ни струја, за условите во кои тогаш работела, за откритијата. Од друга страна, пак, оние што jа познаваат, знаат дека тоа за неа не претставува некој голем проблем. Теренот функционира благодарение на нејзиниот цврст и решителен карактер и одлични организациски способности. За неа не постои нерешлив проблем, а понекогаш е вистински уметник во изнаоѓање едноставни и практични решенија. Таа умешност, пак, cе должи на искуството, а како пример честопати ја посочува добрата организација на локалитетите во Хрватска, на кои учествувала во времето на нејзините студентски денови - пишува Блажевска во првиот број на „Folia archaeologica Balkanica 1“, објавен во 2006, посветен токму на Битракова.