Оваа охриѓанка има неверојатен талент за филигранство и е успешен фотограф
Маријана Пипилева е изработувач на филигран од Охрид и фотограф што зрачи со креативност и сензибилитет. Таа е скромна и многу вредна девојка, а нејзиното око ги лови убавината и природата што ја опкружуваат. Со вредните раце создава прекрaсен накит од филигран, опточен со охридски бисери и македонски рубин.
Таа секое утро на своите следбеници на социјалните мрежи, кои ги има од целиот свет, им упатува поздрав со најубавите фотографии направени од неповторливите пејзажи со кои изобилуваaт Охрид и околината. Покрај тоа што слика, упатува и мудри стихови кои допреле до нејзината душа.
Маријана е најсреќна кога ќе ги види лицата на среќните муштерии
Филигранот е најпрецизна техника на изработка на накит.
Маријана е девојка не само со чувство за убавата фотографија, туку има и „златни раце“. Вели дека кога размислувала за својата идна професија, отсекогаш сакала таа да биде поврзана со рачна изработка. „Занает кој ќе можам да го работам секаде“, вели таа.
Преку случајна едукација на курс за зачувување на занаетите во изумирање, ја продолжува традицијата и преку филигранот создава ремек-дела. Од нишките сребрена жица создава уникатни креации од филигран - традиционална техника за изработка на накит. За создавање различни парчиња накит се потребни трпение, посветеност и упорност, вели таа. Со крајна скромност раскажува од каде потекнува нејзината љубов кон филигранството, кое традиционално е машки занает.
- Филигранот не е само начин на изработка на накит, туку претставува една од најпрецизните техники на изработка на накит. Тука се вклучени низа активности: топење на среброто, влечење на жиците од сребрена шипка од 1 до 2 сантиметри и дебелина до 0,25 милиметри на жицата која му дава една од најфините текстури на накитот или предметот што се изработува како ниедна друга техника на изработка, давајќи му нежност и магичност на самиот накит. Сето ова бара целосна посветеност низ процесот на влечење на жиците и во планирањето на изработка на накитот. Со самиот процес на изработка на парчето накит всушност се добива една посебност, уникат кој не може да се повтори - вели таа.
Таа веќе пет години се занимава со ова и постојано се усовршува.
- При изработката се воспоставува едно лично чувство на поседување нешто неповторливо и единствено, нешто ексклузивно. Токму таа ексклузивност е она што ме инспирира да го работам ова. Да се изработи нешто со две раце, со оган и метал е посебно чувство, фасцинирачко е кога ќе го видиш крајниот резултат во парчето накит.
Инспирацијата ја бара секаде
Маријана ни раскажа што ѝ е најдраго кај филигранството, што е потребно за прецизно создавање уникатен накит, но и од каде ја црпи инспирацијата, како се раѓаат идеите...
- Сѐ што работам ми е драго. Но, најголем предизвик ми е кога треба да изработам нешто што го немам работено претходно без разлика дали станува збор за нов модел на лично барање од некој муштерија или пријател. Во оваа работа се трудам да сум прецизна колку што е можно повеќе, но самиот факт дека се работи сѐ со рака, со алатки кои не се ни толку префинети и всушност точно тој момент на „непрецизност“, ако можам да се изразам така, ја дава убавината и персоналноста на секое изработено парче.
Инспирацијата е моментална. Седнувам и работам, а низ самиот процес се раѓа и оформува нова креација, некогаш тоа може да биде инспирирано од едно мало цветче покрај патот, една далга од езерото или едно прекрасно насмеано лице, убав збор од некого.
Најсреќна е кога ќе ги види лицата на среќните муштерии.
- Еден од најдрагите моменти ми беше минатото лето. Едно девојче од 8-9 години стоеше и гледаше пред излогот на дуќанот и во еден момент влезе. Така сигурно, смело ми рече: „Вие ли работите? Сѐ ви е убаво овде, но оној крст е прекрасен. Ви благодарам“. И толку, излезе, искрено, само што не се расплакав. Тоа беше крстот со пет македонски рубини кој секоја година мојот колега Митко Укоески на Водици му го подарува на фаќачот на крстот - раскажува Маријана.
Таа во филигранскиот занает работи заедно со нејзиниот колега Митко Укоески во дуќан во охридската чаршија. Двајцата ја продолжуваат филигранската традиција на старите охридски мајстори, меѓу кои беше и прочуениот филигранист Вангел Деребан.
Освојува награди со своите фотографии
Но, филигранството не е единствената пасија на оваа девојка. Таа секој слободен момент го поминува со фотографскиот апарат, а е член на Фотоклубот - Охрид.
- Многу ретко се одвојувам од фотоапаратот. Пријателите и блиските со насмевка ме прашуваат дали ќе сликам кога одам на родендени, или забави, на обични прошетки. Знаат дека секогаш со себе го носам апаратот.
Со објективот на фотоапаратот ги заробува моментите од природата кои воодушевуваат, а тоа се боите на изгрејсонцето и зајдисонцето, езерото кое секојдневно сјае во различни бои, цвеќињата, лебедите, дрвјата, тесните охридски сокачиња со калдрма. Прави прекрасни фотографии и од својот накит. Учествува на меѓународни конкурси и собира вредни награди.
- Најчесто учествувам на интернет-конкурси каде што се аплицира дигитално. Последната награда е од 2019 година за учество во Boka Bay 2019, каде што добив почесна диплома за црно-бела фотографија, која ми е една од омилените категории.
Ова се дел од фотографиите што ги направила Маријана: