X
 05.10.2021 Наша тема

Неприфатлив е жестокиот притисок за одлични оценки - порака на Светскиот ден на учителот

Државата да прогласи деценија на поддршка и промоција на наставничката професија, а Министерството за образование и наука (МОН) и сите факултети што имаат наставни насоки да направат стратегија за поддршка, смета проф. д-р Кирил Барбареев

Добри учители се она што ни е потребно во ова време во кое живееме. Наставничката професија е една од најважните и најубави професии од кои зависи во каква држава сакаме да живееме. Како да заборавивме во овие триесетина години дека квалитетот на секое училиште и на секој учител влијае врз секој аспект од животот на учениците, обликувајќи ги личниот развој и капацитетот на општеството за квалитетен развој, смета проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки во Штип, кој своите размислувања во однос на наставничката професија ги споделува со нас токму денес, кога се одбележува Светскиот ден на учителот, 5 Октомври.

Државата да прогласи деценија на поддршка на наставниците

Проф. Барбареев, еден од македонските најдобри познавачи на условите во образовниот систем, има став дека предолг период наставничката професија е во лоша општествено-економска положба, со загубен општествен статус, со релативно слаби и незаинтересирани кандидати за наставници.

- Тука е и слабата образовна политика за мотивираност на постојните и идни наставници, со релативно слаби материјално-технички услови, со несистематски пристап во планирањето и продукцијата на кадри во областите на предучилишното, основното и средното образование. Оттука, мојата порака по повод одбележувањето на Светскиот ден на учителот е дека Министерството за образование и наука (МОН) и сите факултети што имаат наставни насоки треба да направат стратегија за поддршка и промоција на наставничката професија на сите нивоа во системот и државата да прогласи деценија на поддршка и промоција на наставничката професија - потенцира Барбареев.


Проф. д-р Кирил Барбареев
Наставниците заслужуваат многу повеќе

Јаким Неделков со години е претседател на Синдикатот за образование, наука и култура. Проблемите на практичарите ги знае изворно, со оглед на фактот дека голем дел од просветните работници се и членови на Синдикатот, организација чија задача е да ги решава. Неделков смета дека наставниците и образованието како дејност заслужуваат многу повеќе, и од аспект на значењето на дејноста образование за сегашноста и за иднината.

- Наставниците мора да добијат многу повеќе во однос на услови за работа и мотивација. Во последниот период се обидуваме со тоа што го бараме од надлежните да ги подобриме овие два фактори, но поради познатата причина – пандемијата, стопанството е стагнирано во однос на зголемување на бруто-националниот доход и веќе 1,5 година нема никакво зголемување на платите во образованието. Тоа што јануари 2020 г. го зедовме како 10 отсто зголемување, за ова време буквално се истопи како вредност на средства. Вредноста на таа плата е намалена. Ние континуирано бараме од МОН да ги зголеми платите. Од овој месец високото образование ќе има зголемени плати согласно новиот Колективен договор (10 отсто), иако не на сите работни места. Очекуваме со потпишувањето на новите колективни договори во средно и во основно образование платите да се подигнат на ниво кое наставниците го заслужуваат – вели Неделков.

За почитта, наставникот треба сам да се избори

Првиот човек на СОНК смета дека за да бидат почитувани, наставниците треба самите да се изборат.

- Наставничката професија треба да си го врати достоинството што го има изгубено во последните 20 години. Со искуствата што ги имаме со т.н. демократија во општеството, изгубени се многу вредности за почитување на наставникот, од аспект на односот на родителите кон наставникот, а преку нив, и на учениците кон наставникот. Живееме во време кога секој може што сака да прави, но само наставникот не смее со повишен тон да му се обраќа на дете, а камоли да направи нешто повеќе. Учениците имаат права, но и обврски. Неприфатлив е жестокиот притисок врз наставниците за пишување одлични оценки поради секакви „врски“. Автономијата на наставникот е загрозена. Личниот доход му е далеку под просечната плата на национално ниво, а со тоа може да констатираме дека општеството недоволно го вреднува наставникот, всушност, му кажува дека е потпросечен што, според мене, е навредливо – смета првиот синдикалец.


Јаким Неделков
Наставникот го гради човекот

Изминатиот викенд се одржа тркалезна маса во пресрет на денешниот ден, на која наставнички од повеќе училишта во државата зборуваа за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат.

- Во еруптивните промени на начинот на образование во нашата професија, брзиот живот, трката по моќ, нашата професија е исправена пред огромен тест. Во овие времиња предизвикот е голем, а нашата мотивација, за жал, спласнува. Сепак, да се потрудиме да бидеме двигателот на убавото, позитивното и доброто кај човекот. Оти ние тој човек го градиме – рече наставничката Душица Јакимовска од Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Романовце, Кумановско.

Во македонскиот образовен систем, според последните податоци на Државниот завод за статистика, работат 18.732 наставници во основните училишта, од кои 13.076 се жени. Во училиштата за средно образование, пак, работат 7.479 наставници.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема