X
 13.11.2018 Образование

Со 5 отсто повисоки плати апсолутно не сме задоволни, велат од СОНК

Бараме зголемувањето на платите да се воведе од 1 јануари, а не од септември идната година

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија - СОНК се залага зголемувањето на платите од 5 отсто во овие дејности да биде од 1 јануари, а не од септември 2019 година. Ова на денешната прес-конференција го соопшти претседателот на СОНК, Јаким Неделков.


Појасни дека немаат точни информации дали под поимот образование се подразбира и дејноста високо образование и наука и ученички и студентски домови.
  - Со 5 отсто апсолутно не сме задоволни. Платите се далеку под просекот. Ако просечната месечна плата е околу 24 илјади денари, просечната плата во образование е околу 19 илјади денари. Најниската е 12.100, а на наставниците и на професорите е до 22 илјади, ако не се земе предвид платата на директорите - рече Неделков, додавајќи дека платите на вработените во градинките и во културата исто така се под просекот.

Далеку сме, како што рече, од платите на колегите во соседните држави, како Бугарија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина…Бараат Владата да ги земе предвид нивните барања за зголемување на платите во овие дејности и ги повика ресорните министри на работна средба.
Според Неделков, се работи за околу 250 лица чиј работен однос треба да се трансформира од определено на неопределено време.
  - Општинските комисии што се задолжени да направат чекор во трансформации на работни договори од определено на неопределено работно време или одреден број такви општински комисии воопшто не функционираат. Според наша процена, тоа намерно се прави за да истечат овие три месеци на договори на определено време за потоа да се распишат конкурси и да се вработат други луѓе, веројатно поподобни од овие што се на работно место - рече Неделков.

Апелираше овие општински комисии да пристапат кон изготвување записници кои ќе се трансферираат до МОН и процесот на трансформација да се заврши онака како што досега се завршиле над девет илјади трансформации, почнувајќи од 2009 година до денес.

Правниот застапник на СОНК, адвокатот Ванчо Шехтански, ги повика сите вработени што се на договор на определено време во образование, наука и култура да си ги остварат своите права. Сите што имаат непрекинато работно место кај ист работодавец повеќе од две години да се обратат до регионалните канцеларии на СОНК или на веб-страницата каде што има бесплатна правна помош од адвокатска канцеларија на Синдикатот. Правото за остварување трансформација се остварува единствено доколу работниот однос сè уште трае.
Тој информира дека годинава се поднесени 94 тужбени барања, а поголем дел од нив се реализирани.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование