X
 05.10.2024 Колумни

Одговорноста во наставата тргнува од наставникот

Со самото влегување во училиште, односно на час, наставникот - главниот менаџер во наставата има голем број обврски и одговорности за кои треба да биде подготвен секој работен ден, секој наставен час и секогаш во школската средина. Затоа постојат дежурства на наставници, со цел да се регулира редот во училишните ходници, училниците, па и надвор во школскиот двор. Но, покрај дежурствата, наставникот треба да доаѓа подготвен на работа бидејќи работиме со жива материја, која треба да ја описмениме, да ја надградиме со знаења, вештини, способности, умеења за да извадиме прави ученици од училишните клупи. Си сака подготовки, искуство, а најважно – знаење. Без знаење не се застанува пред деца. Тука да бидеме начисто. Не е важен телефонот, „Инстаграмот“, „Фејсбукот“ итн. На школо се знае зошто се оди и која е целта од секој работен ден. Се случува да се судриме во училишниот ходник со колегата/колешката од невнимание при нивно движење и занесени во телефонот, небаре не може тоа да се провери отпосле, кој што ставил, главно на „Инстаграм“. Срамота! Живееме и работиме како инстаграм-генерација. Но, каков пример оставаат таквите просветари, не само за средината, ами и пошироко?! Груба реалност. Ама, ќе повторам, секоја чест за колегите кои станаа реткост: ѕвони ѕвончето, книгата в раце и на час со децата, а не „кога сакам јас ќе одам на час“, а притоа да не водам сметка за ништо. Тоа се нарекува одговорност наспрема неодговорност и неразбраност. После да не се чудиме кога вистината излегува на виделина. Или кога ќе чујам, искрен да бидам, дека требало да се зголеми платата, па си велам дали е нормално тоа да го бара некој на кој не му се оди на работа за да работи, ами колку да му помине денот.

Потребно е прво преиспитување на себеси, а потоа барања... Точно, наставниците треба да бидат многу, многу подобро платени, но не сите. Секоја минута помината со децата треба да претставува радост, а не желба за побрзо да заврши часот. Не е секогаш до фактот дека биле специфични генерациите, ништо не учеле итн. Не, не е секогаш така, иако има вистина во тоа, но главната одговорност и примерност најпрвин треба да почне од претпоставениот – наставникот и никој друг. Како ние како просветари ќе бидеме претставени пред учениците, така ќе бидеме и запаметени. Но, тоа е сепак лична свест. Никој не е должен да советува некого како треба да работи. Или те бидува или не. Во секој случај, даскал, како и класен раководител, не може да биде секој и тоа не е за секого. Тоа е јасно како ден.

Одговорностите во наставниот процес ги носиме сите: од директор до педагошко-психолошка служба, стручна служба, наставници... и најважно, учениците мора да бидат подобри во однесувањето, иако за тоа постојат педагошки мерки кои треба да се изрекуваат. Го ставам акцентот на одговорноста на наставникот затоа што половина ден тој е со учениците и пред себе има задолженија и обврски што треба да ги исполнува. Всушност, како што сум напишал и порано, наставникот е втор родител на учениците. Неговата мисија е света, ако знае да ја цени и соодветно да ја применува. Ова особено важи за почетниците, кои треба многу да учат, а не да се срамат, или мислат дека сѐ знаат, да прашаат нешто, да се заинтересираат. Постојат добри, а постојат и лоши навики. Добрите треба да продолжат континуирано, а лошите навики итно треба да се менуваат оти како велиме: децата се огледало на родителите, да, ама на школо учениците се огледало на наставниците. Така што има разлика од огледало до огледало. Понекогаш се случува да се преиспитуваме, нормално, затоа што на нашето однесување може да влијаат нерасположение, настинка и уште многу други причини, што кај децата создава замислувачка слика, но и тоа се решава кога со убав збор ќе им објасниме, на пример, дека секогаш може да биде подобро. И обратно, се разбира. А не веднаш да се настапи со негативна реакција. Доброто, убавото, позитивното, се наши темелни одговорности, кои треба секојдневно да им ги пренесуваме на учениците со цел да го развиваме и пренесуваме чувството на емпатија. Децата се како сунѓер, впиваат сѐ што ќе чујат и од збор до збор го пренесуваат.

Во оваа пригода, во чест на 5 Октомври - Светскиот ден на учителот, сакам да им го честитам најблагородниот ден на одговорните, посветените и вештите учители, кои секој ден, не само еден (посебен) ден, знаат и наоѓаат начини да бидат креативни, вредни, сакани, почитувани, со добар глас. Ако знаеме да се почитуваме, да соработуваме, а не да се препулваме, народски кажано, едни со други, ќе одиме напред и ќе бидеме пример за етичките вредности што ги носиме со себе (кој ги носи, се разбира) и пред генерациите што ги учиме. Одговорности мора да има, а тие, како што ја насловив оваа моја колумна, тргнуваат од наставникот!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни