X
 05.11.2018 Култура

Радосни дечиња со сликовници во рачиња

Се израдував и кога ја чув Биби како интересно ја кажува азбуката, како знае интересни зборчиња за секоја буква, на пример, за моите омилени букви Љ – љубов и уште поубавата Ѕ, со мојот омилен збор на македонски – ѕуница, рече промоторката Александра Јуруковска

Насмеани дечиња со своите родители, љубители на пишаниот збор, новинари, пријатели на порталите Факултети.мк и Деца.мк завчеравечер заеднички се радуваа на првата сликовница на Биби - „Светот на Биби од А до Ш“ што се одржа во „Просветно дело“ во „Скопје сити мол“.



Дечињата си добија нови пријатели, писателката Билјана Црвенковска и илустраторот Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, кои им ги потпишуваа примероците, разговараа со нив, ги прашуваа што ги интересира за Биби.


За сликовницата на Биби зборуваше литературната критичарка Александра Јуруковска, која сликовито им објасни на децата зошто е важно Биби да им биде другарка.



- Ѝ се израдував на Биби зашто таа зборува одлично македонски, одлично го говори нејзиниот, односно нашиот мајчин јазик, а тоа е многу важно. Пред да научиме да зборуваме некој странски јазик, многу е важно да го научиме својот јазик, македонскиот, да ги знаеме правилните зборови, да знаеме убаво да се изразуваме, а ова е од особено значење на училиште, но и подоцна во животот. Се израдував и кога ја чув Биби како интересно ја кажува азбуката, како знае интересни зборчиња за секоја буква, на пример, за моите омилени букви Љ – љубов и уште поубавата Ѕ, со мојот омилен збор на македонски – ѕуница – рече Јуруковска.


Таа им се обрати и на родителите и на наставниците на децата.
- Некој мудар човек рекол: Детето почнува да чита во скутот на возрасните. И навистина е така. Читањето е прекрасна навика која возрасните треба и можат да им ја пренесат на децата. Науката докажала дека врската или другарството што го градиме додека читаме и зборуваме за книгите е многу силно и може да трае цел живот.


Сликовницата „Светот на Биби од А до Ш“ утревечер во 18:30 часот ќе биде промовирана во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ во Скопје.

Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура