X
 05.12.2017 Култура

Неповторливо: Фасцинантни факти за Систинската капела во Рим

На 1 ноември 1512 година пред јавноста беше претставен величествениот плафон на Систинската капела во Рим. Насликан од младиот и перспективен вајар Микеланџело, стана едно од најелегантните дела на италијанската ренесанса, со повеќе од пет милиони туристи што му се воодушевуваат секоја година.

1. Систинската капела го добила својот назив по папата Сикстус Четиринаесетти, кој ја нарачал изградбата. Првата миса во оваа капела на папата Сикстус се одржала на 15 август 1483 година.

2. Капелата секојдневно ја посетуваат од 10.000 до 15.000 луѓе, односно околу пет милиони посетители на годишно ниво.

3. Влезот во Музејот на Ватикан и Систинската капела чини 16 евра, што на Ватикан му носи годишен приход од околу 80 милиони евра.

4. Систинската капела има исти димензии како и Соломоновиот храм на Гора Морија, онака како што е опишано во Библијата.

5. За толку важна градба, надворешноста на капелата е многу едноставна. Таа е правоаголна градба без надворешни украси и без церемонијални влезни врати: во неа се влегува само однатре, од другите делови на папските палати.

6. Систинската капела сè уште служи како приватна капела на папата.

7. Систинската капела е најпозната по фреските на Микеланџело, иако претходно папата Сикстус од уметници како Ботичели нарачал да се насликаат фрески по должината на двата ѕида на капелата: на едниот ѕид се раскажува приказната за Мојсеј, а на другиот – за Христос. Дури и без делото на Микеланџело овие претходни фрески спаѓаат во најзначајните циклуси на европската фреско-уметност.

8. Папата што ја нарачал фреската од Микеланџело бил Јулиус Втори, внук на Сикстус Четврти. „Папските „внуци“ тогаш најверојатно биле незаконските синови на папите.

9. Јустус побарал на фреските во Систинската капела да бидат прикажани 12. апостоли, но Микеланџело го отфрлил предлогот.

10. Пред Микеланџело да почне со својата работа, на таванот на капелата се прикажувало ноќно небо.

11. Микеланџело почнал со својата работа на таванот во јули 1508 година, а завршените фрески биле откриени во октомври 1512 година. Фрагментите од Книгата на настанокот, од создавањето до Ное, се сликани по обратен редослед, оставајќи го приказот на Бог за крај.

12. Приказот на Бог на Микеланџело, како крупна човечка фигура со долга бела коса и брада, е првиот таков приказ. На повеќето претходни слики Бог бил прикажуван само како рака која се спушта од небото.

13. Спротивно на легендата, Микеланџело не сликал лежејќи на грб, туку на направа која самиот ја смислил и која му овозможувала да работи стоејќи.

14. Фреските во капелата покриваат 1.110 квадратни метри, што е околу една шестина од фудбалски терен.

15. Во 1536 година Трентскиот собор побарал поистакнатите фрески да се направат „попристојни“. Уметникот Даниел дел Волтера бил ангажиран за да им нацрта на „непристојните актови“ соодветна покривка. Тоа предизвикало потсмев кај колегите кои му го додале прекарот „Ил брагетоне“ – „Големите гаќи“.

16. Избор на нов папа во капелата првпат се одржал во 1482 година, а од 1870 година изборот се врши исклучиво во оваа капела.

17. Новоизбраниот папа не мора да биде кардинал. Може да биде избран секој крстен, неоженет католик од машки пол. Последниот избран папа што не бил кардинал бил Урбан Шести, во 1378 година. Ако папата не е кардинал, веднаш по изборот се прогласува за бискуп.

18. Пред почетокот на изборот, пред насобраните се обраќа еден говорник кој не е папа, најчесто некој од капуцинските монаси. Пијалакот „капучино“ го добил името според облеката на овој монашки ред: кафеава мантија со бела јака.

19. Кога сите кардинали ќе влезат, другите се отстрануваат со зборовите „extra omnes“ – или сите надвор. Потоа, вратите на капелата се заклучуваат. Оттаму доаѓа и името конклава: „cum clave“ односно „под клуч“.

20. На фризот во црквата „Свети Петар“ надвор од ѕидиштата во Рим, изградена на местото каде што е погубен свети Павле во 67 година, насликани се сите папи од свети Петар до денес. Римјаните веруваат дека крајот на светот ќе се случи кога на овој фриз ќе нема место за нови слики и наслови.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура