X
 05.12.2018 Образование

47 отсто од студентите во Македонија немаат познавања за ХИВ

Одборот за Репродуктивно здравје и СИДА при Македонската медицинска студентска асоцијација уште еднаш успешно го реализираше проектот за одбележување на Денот за борба против ХИВ/ СИДА.

Годинава покрај Медицинскиот факултет при УКИМ, беа опфатени и комплексот на факултети при УКИМ, како и техничките факултети ФИНКИ и ФЕИТ. Покрај делењето презервативи и флаери со едукативна основа беше спроведена и анкета која се состоеше од неколку основни прашања во врска со сексуалното здравје и сексуално преносливите болести, како и заштитата од нив, меѓу студенти на возраст од 18-22 години.

Добиените резултати од анкетата покажаа дека 47% од општата популација на таа возраст нема општо познавање за ХИВ како сексуално пренослива болест, начините на пренесување на истата и нејзина превенција. Исто така, пристапот кај многу од испитаниците беше приврзан со аверзија кон оваа табу тема, бидејќи е многу полесно да се зборува за настинка како заболување отколку за ХИВ/ СИДА. Неедуцираноста и незнаењето што земаат сѐ помасовен замав се главната причина за зголемување на процентот на морбидитет од овој имуно-дефициентен вирус.

Според Институтот за јавно здравје бројката на заболени од ХИВ во Македонија годинава се искачила на дури 41, а најмладиот има 21 година.

На прашањето „што е ХИВ?", на анкетата добивме одговор од типот „па не знам, можеби леукемија?!".

„Доказот за дефицитот на основните познавања во однос на сопственото здравје е неспорен и тоа е главна причина за да се преземе иницијатива за промена на нештата. Вниманието треба целосно да го насочиме кон подигнување на свеста на луѓето и проширување на нивниот едукативен хоризонт со цел истите да го подобрат своето сексуално и репродуктивно здравје, а воедно и да земат активно учество во ерадикација на оваа неизлечива болест. Знаењето е оружје, искористете го правилно“, изјави Теа Михајлова, национален офицер за Репродуктивно здравје и СИДА.

Извор: МКД

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование