X
 01.06.2022 Образование

Професори од УКИМ најавија протест, Шаќири вели дека е отворен за дијалог

Како што имавме социјален дијалог за основно и за средно образование, отворен сум за соработка и ја очекувам со репрезентативниот Синдикат за високото образование, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во врска со протестот кој за утре е најавен од професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои бараат потпишување на Колективниот договор и зголемување на платите.

Рече дека со ребалансот на буџетот е предвидено повисоки плати да имаат од септември, дека средствата се предвидени и таа постапка е почната од неговата претходничка Мила Царовска.

- Во ребалансот на буџетот, и од претходната министерка има почнато постапка, предвидени се средства за повисоки плати и во високото образование. Тие најавија дека ќе имаат мирен протест првиот ден, потоа очекувам, идната недела, да имаме состанок за да видиме пред јунската сесија да немаат последици студентите и да има разбирање за овој процес - рече Шаќири.

На прашањето што доколку има бојкот на јунската сесија за полагање на испитите, Шаќири одговори дека како и за штрајкот во училиштата, тој е против закани за прекин на наставата.

- И ова не го гледам како добра постапка на Синдикатот затоа што никогаш, ни од мене, ниту од Владата, не е кажано дека нема да има разговори и прекин на разговори и дека нема да имаат подобри услови. И во преговорите со СОНК баравме разбирање поради некои економски показатели кои не беа и не зависеа само од образование, туку и од економски движења кои не се само во нашата земја, туку и во регионот и подалеку. Така што, ако ова се закани, нека бидат предупредување, нека се реализира испитната сесија - рече Шаќири.

Додаде дека треба да се разговара за начините на финансирање, кои се различни на високообразовните институции, и дека ако добро се организираат буџетите, може да се постигне поголем успех.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование