Факултетите наместо да ни даваат знаење, ни продаваат услуги. Цените на овие услуги се далеку од реалната цена на чинење. Дополнителните услуги што ги „продаваат“ високообразовните установи се неизбежен дел од студирањето, па така студентите се ставени во незавидна позиција да мораат да ги „купуваат“ овие услуги од факултетот на кој студираат, реагира студентскиот лидер Ефтимов
Уверение за положени испити чини од 300 до 600 денари во зависност од факултетот, презапишување на еден просечен наставен предмет (7 ЕКТС кредити) чини од 1.800 до 3.400 денари во зависност од факултетот, а за информатика и за спортски активности студентот плаќа 750 денари. Ваквите суми мора да соодветствуваат со реалните трошоци што ги имаат факултетите, реагира Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој за Факултети.мк вели дека студентите се револтирани од ваквиот модел на финансирање на работата на факултетите и тоа е причина што ќе побараат измени за да можат тие трошоци да се оправдаат.
- Постојано слушаме и читаме поплаки во однос на дополнителните трошоци што не можат да се оправдаат. Поради тоа, револтот кај студентите е огромен. Токму затоа студентското собрание поднесе барање за подготовка на унифициран ценовник на УКИМ во кој ќе бидат регулирани цените на дополнителните услуги. Бараме овие цени да соодветствуваат со реалните трошоци што ги имаат факултетот и универзитетот при давање на услугата. Ваквиот ценовник е предвиден според правилата на Универзитетот, меѓутоа, не е донесен, иако универзитетот уште од јануари 2019 има обврска да го стори тоа. Време е конечно универзитетот да донесе унифициран ценовник - вели Ефтимов.
Трошоците околу студирањето се генерално намалени во изминативе месеци, особено за студентите што ја следат наставата онлајн. Но, редовните трошоци кон факултетот и универзитетот сè уште остануваат исти, иако студентите не присуствуваат на факултетите, потенцира студентскиот лидер.
- Универзитетот наместо да ни дава знаење, ни продава услуги. Цените на овие услуги се далеку од реалната цена на чинење. Дополнителните услуги што ги „продаваат“ високообразовните установи се неизбежен дел од студирањето, па така студентите се ставени во незавидна позиција да мораат да ги „купуваат“ овие услуги од факултетот на кој студираат. Еден студент во текот на студирањето се соочува со безброј давачки што мора да ги плати. Дополнително постојат и други давачки кои се специфични за различните факултети. Еден студент во текот на годината, „купува“ услуги кои неретко стигнуваат и до вредноста на партиципацијата - предупредува Ефтимов.
За што сè плаќа студентот?
- Диплома која е задолжителна да се купи по дипломирањето – од 3.000 до 6.000 денари во зависност од факултетот;
- Уверение за положени испити (лист хартија) – од 300 до 600 денари во зависност од факултетот;
- Презапишување на еден просечен наставен предмет (7 ЕКТС кредити) – од 1.800 до 3.400 денари во зависност од факултетот;
- Потврда за редовен студент (еден лист хартија) – најчесто изнесува 100 денари иако неколку факултети не ги наплаќаат;
- Обнова на книжен фонд – најчесто 300 денари годишно;
- Трошок за информативни, информатички, културни и спортски активности (ИИКСА) – 750 денари годишно;
- Пријава за испит (лист хартија) – 35 денари (секој студент купува барем 10 пријави годишно).
(Извор: Универзитетско студентско собрание УКИМ )