Претседателот на Нигерија, Мухамаду Бухари, демантираше дека е заменет со клон. Во најсериозно обраќање тој кажа дека не умрел, не е заменет со клон и дека тоа се шпекулации.
Бухари ова го објави на својот профил на „Твитер“ при посетата на Полска.
- Едно од прашањата што излегоа во текот на средбата со Нигеријците во Полска е тоа дали сум клониран. Таквите шпекулации не се случајни, кога минатата година бев на боледување, многу луѓе се надеваа дека сум починал - истакна Бухари.
Тој минатата година, поради медицински причини, подолго време беше во Лондон. Во еден период три месеци беше отсутен од Нигерија. Тогаш се појавија шпекулации дека е мртов, а и ден-денес мора да ги убедува луѓето дека е жив.
- Тоа сум јас, ве уверувам. Наскоро ќе го прославам 76-тиот роденден - рече претседателот.
Бухари беше избран за претседател во 2015 година. Претходно беше на чело на државата по пучот во 1983 година, но беше симнат од власт по само две
години.