Пиењето повеќе од три шолји кафе со кофеин дневно е поврзано со подобра еластичност на црниот дроб, покажуваат резултатите од големото истражување објавено во стручното списание „Клиникал гастроентролоџи хепатолоџи“.
Студијата е веројатно најсеопфатниот увид во САД за придобивките од консумирањето кафе кога станува збор за здравјето на црниот дроб. Анализата се заснова на податоците од Националното истражување за здравје и исхрана (NHANES), кое побара од учесниците да одговорат на прашања за нивните навики во исхраната.
Не беше пронајдена поврзаност помеѓу пиењето кафе и замастен црн дроб
Клучно е тоа што во 2017 година NHANES вклучи еластографија во студијата, испитување на еластичноста на црниот дроб на учесниците, но не поради сомневање за можни здравствени проблеми со тој орган, туку како дел од сеопфатна процена.
Веќе е познато дека еластичноста на црниот дроб постепено се намалува поради фиброза и таложење на маснотии.
- Во студијата спроведена во 2017 и 2018 г. учествувале 4.500 случајно избрани лица подложени на еластографија. Учесниците во студијата биле на возраст од 20 или повеќе години, а просекот бил 48 години. 73 отсто од нив страдале од прекумерна тежина, што е приближно националниот просек - вели водачот на студијата, д-р Елиот Тапер, доцент по гастроентерологија на Универзитетот во Мичиген.
Научниците не пронашле врска помеѓу консумирањето кафе и замастен црн дроб, но откриле врска помеѓу консумирањето кафе и неговата еластичност.
- Многу хепатолози во светот им препорачуваат кафе на своите пациенти - вели д-р Елиот.
Фото: Freepik
Кај луѓето што пиеле повеќе од три шолји кафе дневно еластограмот бил подобар. Но, таков корисен ефект врз еластичноста на црниот дроб не е пронајден кај луѓето што консумирале кафе без кофеин, иако претходно британско истражување покажа превентивно дејство на двата вида од оваа напивка врз развојот на хронично заболување на црниот дроб.
Тапер вели дека новите податоци ги поддржуваат лекарите што им предлагаат на пациентите да консумираат кафе за да ја одржат еластичноста на црниот дроб.
- За да го одржите вашиот црн дроб здрав, мојот совет е да го намалите внесот на јаглехидрати и алкохол, да ја одржите посакуваната телесна тежина и да бидете физички активни, што веројатно ќе биде поефикасно во спречувањето и развојот на заболувања на црниот дроб отколку пиењето дополнителна шолја кафе - советува д-р Нејтан Дејвис, професор по биохемија на Институтот за здравје на црниот дроб и дигестивниот тракт на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik