X
 02.01.2023 Наука

Најмалку 65 вида животни умеат да се смеат, покажува истражување

Смеењето е еден од најприродните импулси кај луѓето. Повеќето бебиња почнуваат да се смеат гласно на околу 3 до 4 месеци, многу порано отколку што можат да зборуваат или да одат. Изразувањето уживање или задоволство ни доаѓа природно, но ние не сме единствените суштества што комуницираат преку смеата.

Истражувачите од Универзитетот Калифорнија, Лос Анџелес, идентификувале 65 вида животни што умеат да се смеат, покажувајќи го тоа преку вокализации. Некои од тие вокализации веќе се добро документирани: веќе некое време знаеме дека мајмуните и стаорците се смеат, но се чини дека и други видови умеат да ја користат смеата. Заедно со долгата листа со примати, домашните крави и кучињата, лисиците, фоките и три вида птици се исто така склони кон смеење.

Саша Винклер, приматолог и антрополог, заедно со Грег Брајант, професор по комуникација, ги сподели своите наоди во статија во списанието „Биоакустикс“.



Авторите истражувале различни звуци на вокализација, снимајќи ги како бучни или тонски, гласни или тивки, високи или ниски тонови, кратки или долги.

Додека истражувачите велат дека е прилично тешко да се документира смеата во дивината, особено кај животните со потивки вокализации, постојат примери снимени на видео.



Но, треба да се има предвид дека смеата кај некои животни не е толку звучно видлива како кај овие лисици и шимпанза. Истражувачите од Универзитетот „Хумболт“ во Берлин откриле дека стаорците се смеат кога ги скокоткаат и се чини дека уживаат во скокоткањето, но е тешко да се слушнат без специјални инструменти.



Истражувачите споделија дека проучувањето на смеата кај животните може да ни помогне подобро да го разбереме сопственото еволутивно однесување.

- Оваа работа прикажува како феноменот што некогаш се сметаше дека е особено човечки излегува дека е тесно поврзан со однесувањето кое го делат различни видови од луѓето. Кога се смееме, често им даваме информации на другите дека се забавуваме и ги каниме да се придружат. Некои научници посочуваат дека овој вид вокално однесување е присутно кај многу животни кои играат и како таква, смеата е нашата човечка верзија на еволутивно стар вокален сигнал за играње - вели Винклер.

Извор: Upworthy.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука