X
 03.12.2021 Наука

Велика Британија одобри уште еден третман базиран на антитела за лекување ковид-19

Велика Британија одобри уште еден третман базиран на моноклонални антитела за луѓе со ковид-19 што го намалува ризикот од тешка болест.

Лекот се нарекува „сотровимаб“, а научниците велат дека прелиминарните проверки покажуваат дека треба добро да дејствува дури и против новите соеви, како што е омикронот.

Лекот, кој се дава интравенски, се врзува за вирусот за да го спречи да влезе во нашите клетки.

Во едно клиничко испитување единечна доза го намали ризикот од хоспитализација и смрт за 79 отсто кај возрасните со висок ризик.

Ова е втор лек од ваков вид, третман со моноклонални антитела, кој е одобрен од британските регулатори.

И „сотровимаб“ и другите одобрени третмани со антитела се најефективни кога се земаат во раните фази на инфекцијата. Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи препорачува тие да се користат во рок од пет дена од почетокот на симптомите.

- Ова е уште еден терапевтски лек кој се покажа ефикасен во заштитата на најранливите на ковид-19 и претставува уште еден значаен чекор напред во нашата борба против оваа разорна болест - рече д-р Џун Рејн, извршен директор на агенцијата.

Хани Браун, извршен директор на добротворната организација за рак „Ентони Нолан“, рече дека ова е позитивна вест за пациентите со рак на крвта, за кои знаеме дека имаат помала веројатност да бидат заштитени од вакцината против ковид-19 отколку општата популација. Особено е важно пациентите да имаат пристап до овој третман веднаш доколку се заразат со вирусот и има јасни упатства за лекарите како да го стават на располагање.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука