X
 06.02.2021 Живот

Додека бил студент, Илон Маск мислел дека овие работи ќе го сменат светот

Пред Илон Маск да стане милијардер, тој бил студент по физика и економија на Универзитетот на Пенсилванија. Во 1992 година се префрлил на школата „Вартон“ откако добил стипендија, а две години студирал и на Кралскиот универзитет во Онтарио.

Тој сонувал за истражувања во вселената и постојано зборувал за електрични автомобили додека бил студент, стои во книга посветена на него од авторката Ешли Венс. Во тоа време младиот Маск верувал дека пет работи ќе влијаат врз светот.

Интернетот

Маск верувал дека интернетот ќе го смени човештвото од корен, иако во тоа време имал ограничен пристап до него.

- Одеднаш луѓето насекаде може да имаат инстантен пристап до сите информации - изјавил тој.

Живот на повеќе планети

Маск верувал дека животот на други планети ќе го смени светот. Како дете, тој бил под влијание на научнофантастични книги и верувал дека еден ден ќе гради вселенски летала што ќе го однесат човекот на нови планети. Како што сведочиме денес, тој работи на оваа цел преку компанијата „Спејс екс“.

Менување на човечката генетика

Кога бил помлад, Маск верувал дека еден ден човекот ќе може да ја менува својата генетика, а тоа ќе го промени целиот свет. Ова се случува денес со технологија како КРИСПР. Тој изјавил дека мисли дека ќе стане нормално менувањето на човечкиот геном за ослободување од одредени болести или слабости што може да доведат до болести.

 - Доколку сте во ситуација во која дефинитивно ќе починете од некаков вид рак на 55 години, ќе претпочитате да го смените тоа - изјавил Маск.

Обновлива енергија

Како тинејџер, Маск се чувствувал одговорен за иднината на човештвото и бил инспириран да работи на технологија за производство на чиста енергија. Затоа, тој верувал дека обновливата енергија ќе ја одреди иднината на светот. Тој изјавил дека ја разбирал важноста на обновливата енергија пред проблемите со околината да станат очигледни. Тој верувал дека ќе се воведе данок за штетни гасови кој ќе ги зголеми трошоците за горење фосилни горива.

Во 2004 г. Маск инвестирал во компанијата за електрични автомобили „Тесла“, а станал нејзин извршен директор во 2008. Компанијата сега е една од највредните автомобилски компании во светот.

Вештачка интелигенција

Во 2019 година Маск изјавил дека компјутерите ќе ги надминат луѓето во секој поглед. Уште како студент, тој верувал дека вештачката интелигенција ќе го смени светот. Неодамна, тој ја основал компанијата за машинска интелигенција „Неуралинк“ бидејќи смета дека луѓето мора да се спојат со вештачката интелигенција за да останат важни.

Автор: Тејлор Лок
Извор: cnbc.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот