X
 22.01.2015 Колумни

...да се видиме брат!

“Девет без петнајсе” пристигам на старата автобуска во Прилеп и го правам мојот прв чекор врз правливиот асфалт. И покрај тоа што сум варијабилно тежок и поприлично поспан, се движам брзо кон мојата добро позната крајна цел: Економски Факултет, поточно канцеларијата на администрацијата надлежна за постдипломците. На Прилепчани и сите останати кои живееле во овој град им е јасно дека и покрај многубројните мали улички и сокачиња со кои изобилува Прилеп, за да се стигне до одредени локации сепак мора да се помине низ некои ткн чекпоинти.



Во движење размислувам која рута да ја фатам: дали рутата која минува преку “Гурман”, “Time Out”, ОУ “Климент” па преку средното хемиско и интернатот ќе ме однесе до факултетот. Оваа рута е мошне ризична, прво ради фактот дека ова е двонасочна улица без тротоар, по која од едната страна фиксно има паркирано возила, а на празната страна секогаш ќе се најде некоја будала која ќе сака да собори некој личен рекорд за стигање на работа или утринско кафе возејќи како Џејсон Статам во Транспортер. Втората причина поради која ја избегнувам оваа рута е фактот дека и покрај тоа што е ризично движењето по истата, сепак голем број Прилепчани (меѓу кои и многу мои познаници и пријатели) сеуште ја избираат оваа рута за да стигнат до чаршија или на работа..

Без да сум свесен веќе ја имам избрано втората рута и се движам по тротоарот покрај катната каде културно ги одбивам понудите за превоз до Битола на паркираните таксисти. Веднаш после Азур, секој пешак има на располагање две подрути: едната преку плоштадот, а другата преку плочникот кај Комерцијална. Просторот кај Комерцијална е убаво среден но потполно гол и особено посетен во утринските часови поради што ја избирам подрутата што минува преку плоштадот.

Но небитно колку човек и да се труди да помине незабележано, кога ќе остави пет години од својот живот во некој град, секогаш во близина ќе има по некој сопственик на пар очи кои ќе го забележат и ќе му ја упатат онаа добро позната “Шо си забрзан толку море?Кој те брка?” или “Доаѓаш а не се јавуваш. Аааа че се караме.” по што следува оној општ муабет што си/кај си/како си, размена на броеви (доколку имало промени во овој сектор во меѓувреме) и обавезно договор за кафе доколку имаш луфта време. Часот е девет без неколку секунди. Се поздравуваш и продолжуваш.

Малку понатаму те среќава друг пријател. Истиот општ муабет и уште еден договор за кафе за истиот ден. Правиш брза калкулација (во 10 да стигнам на факултет, да завршам работа и да се видам со некои луѓе таму – значи до 11 ипол ќе сум готов и после сум слободен) и сфаќаш дека ова е максималниот број на средби кои можеш да ги оствариш. Продолжуваш и се надеваш дека додека пишуваш пораки на двајцата пријатели за времето и местото каде ќе го испиете кафето, нема да се појави уште некој трет, четврт или недај Боже петти пријател кој ќе бара да пиете кафе а кој ќе мора да го одбиеш поради мањакот време, но залудно. Додека да стигнеш до факултетот среќаваш уште најмалку петмина кои со тешко срце ги одбиваш и кои знаеш дека не им веруваат на твоите оправдувања.

Нешто по 10 конечно некако пристигаш на факултетот. Факултетот сам по себе, заради локацијата на канцеларијата надлежна за сите работи поврзани со постдипломците (сместена меѓу Амф. I и II), е “минско поле” и нема шанси човек да не налета на некој/а пријател/ка кој/а престојува во интернатот и кој/а топло те поканува да наминеш на кафе за да се видите. Свесен си колку многу сакаш да наминеш и да ги видиш сите оние луѓе од персоналот а и оние неколку нови пријатели кои дошле како бруцоши кога си бил четврта, но знаеш дека си страшно ограничен со време. Ги одбиваш и овие покани и откако завршуваш работа се пушташ у лер кон чаршијата каде треба да го испиеш првото договорено кафе.

Додека ги обавуваш двете кафиња, среќаваш барем 75% од пријателите кои си ги одбил само неколку часа порано. Знаеш дека овој твој потег е категоризиран како крајно непочитување и тие пријатели нема никогаш повеќе да те гледаат со истите очи како порано. Но како да им објасниш дека и твојот ден, исто како и нивниот, има само 24 часа? Како да им објасниш дека човекот со кој седиш те сретнал пред нив и дека нивните карактери се премногу спротивни за да направиш комбинирано, истовремено дружење со двајцата? Како да им објасниш дека во животот си сретнал и си имал прилика да се дружиш со прекрасни луѓе од Струмица, Прилеп, Скопје, Велес, Гевгелија, Кичево, Струга, Охрид, Штип, Кочани, Кавадарци, Неготино, Дебар, Гостивар, Тетово, Виница со кои радо би се дружел секој ден и по цели денови но дека доколку сакаш да постигнеш нешто во животот, мора својот живот и она ограничено време кое ни е подарено да го посветиме на нас самите, надоградувајќи се, учејќи, работејќи, создавајќи и дружејќи се во она многу малку слободно време кое ни преостанува.

Одеднаш се наоѓам пред шалтерот за заверка на картите. Упатувам еден брз поглед на часовникот од мобилниот: 14:52. Тетката која работи овде има некои роднини во Валандово и додека ми ја захефтува картата со фискалната праќа поздрави до нејзините роднини. –Ќе ги поздравам, без гајле.-велам а пред моите очи сеуште стојат разочараните погледи на моите насмеани пријатели кои се повеќе од сигурни дека јас сум само уште едно користољубиво гомно кое орбитирало околу нив само поради некоја лична корист, а кои не се свесни дека сум презафатен со разноразните обврски и цели а крајно ограничен со време за нивно навремено обавување и постигнување..

    P.S. Се сеќавам ко вчера да беше кога пред нешто повеќе од 20 години јас, заедно со татко ми, ги влечкав своите мали, детски стапала по врелиот валандовски асфалт и ги слушав неговите приказни за бројните дружења и средби со луѓе – експерти и лидери во разни дејности. Секоја негова приказна беше придружувана со моите многубројни прашања (секоја чест како ме трпеше човекот) од кои најчесто поставувано беше прашањето зошто и сега не се дружат толку често колку што се дружеле порано, на што секогаш само ќе ми се насмевнеше и ќе ми одговореше “Мал си сега. Кога ќе пораснеш и созрееш, ќе сфатиш.” Одамна пораснав, но најверојатно сега созревам и конечно сфаќам колку малку време имаме на располагање и колку голема лага кажуваме или слушаме секогаш кога ќе биде изговорена онаа добро познатата: “Овие денови сто посто те барам да се видиме брат!”.

Автор: Тарик Асанов

Апсолвент на Економски факултет во Прилеп, насока сметководство, финансии и ревизија. Прочитај ги сите статии на Тарик Асанов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни