X
 20.11.2023 Наша тема

„Сакам да ја искористам информатиката за студирањето преку иновативни платформи да стане достапно и на оддалечени места“, вели Софи Гајтановска, избрана за талент на ФИКТ

Во рамките на проектот „Идентификација и следење на талентирани и надарени студенти“, Битолскиот универзитет ги избра четворицата таленти: Тамара Тасеска од Економскиот факултет во Прилеп, Софи Гајтановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Кристијан Велјановски од Факултетот за биотехнички науки и Дејан Петровски од Педагошкиот факултет.

Софи е кавадарчанка, но веќе осум години Битола е нејзин дом. Тука го заврши средното образование, а се одлучи и да студира на Битолскиот универзитетот. Вљубена во информатиката уште од основно училиште кога одела и на државни натпревари, се запиша на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) во Битола, на отсекот за информатички инженер. Изборот го направила со цел да ја искористи информатиката за позитивни промени во образованието. Ова ѝ е последна година од студирањето и досега постигнала просек од 9,93. 

Годинава беше избрана меѓу четворицата студенти таленти на УКЛО.

- Како студент, мојата аспирација е да ја користам информатиката за да се донесат значајни промени во светот. Верувам дека информатиката има потенцијал да револуционизира различни аспекти во самото општество. Една од областите во кои би сакала да видам промена е образованието. Треба да се искористи информатиката за да создадат иновативни платформи за е-учење, персонализирани искуства за учење и дигитални ресурси кои можат да допрат до студенти во оддалечени или недоволно опслужени области, правејќи го квалитетното образование подостапно. Мојата цел како студент е да работам со истомисленици и експерти да се остварат овие промени, правејќи позитивно влијание во мојата заедница и во светот преку моќта на информатиката - вели Гајтановска.

Успешниот студент има жед за знаење

Според неа, успехот на еден студент не се одредува само од академските достигнувања, туку е комбинација на повеќе фактори.

- Успешниот студент покажува посветеност и жед за знаење, постојано се обидува да учи и расте и одржува силна работна етика. Таквите студенти се одлични во управувањето со времето, поставувајќи јасни цели и остануваат организирани. Дополнително, интерперсоналните вештини, како што се ефективна комуникација и соработка, се клучни за успехот во денешниот поврзан свет. Покрај тоа, успешниот студент останува отпорен на предизвиците, користејќи ги неуспесите како можности за личен раст. На крајот на краиштата, успехот е патување, а не дестинација, и тој е обележан со приспособливост, страст за учење и посветеност да се направи позитивно влијание врз заедницата и светот - вели Гајтановска.



Многу пракси во компании, а стипендист е и на голема и успешна фирма

Нејзиното студирање не се темели само на теоретски познавања, туку и на многу пракси во различни компании преку кои се запознава со бизнис-секторот и работната атмосфера, кои тешко па дури и невозможно е да се научат на факултет. Таа е стипендист на голема и успешна македонска компанија. Понатаму се истакнува како личност која позитивно, мотивирачки и лидерски дејствува во студентската заедница, поттикнувајќи ги другите на соработка и учење. Нејзини ментори се проф. д-р Андријана Босевска, редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, и проф. д-р Љупчо Кеверски од Педагошкиот факултет - Битола.

- Овие неколку работи што успеав да ги постигнам ми покажаа дека само небото е граница за сѐ што сакаме да постигнеме во животот - вели Софи.

На Универзитетот беше спроведено тестирање со психодијагностички инструменти за да се определи општиот интелектуален статус на таргет-студентите. Подоцна се формира комисија која одлучи да го следи понатамошниот напредок на талентираните студенти, а воедно и да ги поддржува и поттикнува. Гајтановска вели дека УКЛО им овозможува на талентираните и најдобрите студенти средина за поддршка за академски и личен раст. Им нуди широк спектар на ресурси, од обуки до програми за менторство и можности за истражување, сите насочени кон помагање на студентите да го достигнат својот целосен потенцијал. Дополнително, негува култура на иновации, разновидност и лидерство.

Сака да биде дел од генерацијата која ќе придонесе за позитивни промени во државата

- Намерно избрав да останам во Македонија и да студирам тука бидејќи цврсто верувам во потенцијалот на нашата земја. Гледам единствена можност овде да бидам дел од генерација која може да придонесе за позитивни промени и раст, без разлика за која област се работи, особено кога станува збор за информатика и технологија. УКЛО е еден од универзитетите што поседуваат солиден кадар и голем опсег на различна литература од која учат студенти и на странските универзитети. Кога веќе го имаме тоа, најдобро е да го искористиме максимално - вели Гајтановска.
Смета дека да се студира дома е подобро од неколку причини: студирањето почнува на возраст кога младите се оформуваат, а тоа во странство се постигнува на многу потежок пат. Исто така, тука се и јазичната бариера, социјализацијата со други студенти и професори.

Тука да го дочекаме дождот за полесно да го сфатиме виножитото

- Според мене, подобро е прво тука да се дочека дождот за во иднина подобро и полесно да го сфатиме виножитото! Мастер и докторски студии можат да се продолжат во европските земји - додава студентката.

Нејзина цел е да продолжи да напредува во полето на информатиката и технологијата.

- Без разлика дали ќе останам во Македонија или ќе одлучам да ги истражувам можностите во странство, мојата визија останува иста - да придонесам во светот на технологијата кој постојано се развива. Верувам дека технологијата ги надминува географските граници и отворена сум за истражување на можностите и во Македонија и во странство. Мојата крајна цел е да ги искористам моите вештини и знаења за да бидам во првите редови на технолошкиот напредок, осигурувајќи дека моите придонеси ќе имаат корист не само за мене, туку и за мојата земја и за информатичката заедница - вели Гајтановска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема