Порано кога ќе дојдеше до прекин на програмите на ТВ се слушаше иритантен звук, а на екранот од телевизорот се појавуваа необични шарени квадрати, правоаголници и линии.
Разновидните форми во кругот, квадратите, правоаголниците и линиите се нарекуваат тест-карта или тест-шаблон. Овој телевизиски тест-сигнал главно се емитува во моменти кога трансмитерот е активен, но не емитува програма - главно на почетокот и на крајот од емитувањето.
Шарите се проследени со иритантен звук, едноличен тон, иако некои телевизиски станици во заднина пуштале и радиосигнал или инструментална музика.
Ваквите тест-карти се користени од самиот почеток на телевизијата. На почеток тоа беа вистински картички што биле ставени во камерата, а главната цел била спојување на камерите и калибрација на сигналот. Денес за тоа се користат генератори за тест-сигнали што не бараат присуство на камерата. Дигитално изработените тест-карти на сите им овозможуваат да ја приспособуваат својата опрема за да добијат оптимален квалитет на сликата.
Тест-картите главно содржат специфичен сет на шари што на телевизиските камери и на гледачите им овозможува соодветно да ја приспособат сликата на своите уреди. Централниот дел на тест-картите се таканаречените SMPTE ленти во различни бои, и тоа од лева на десна страна, по ред: бела, жолта, зелена, магента, црвена и сина. Со таа боја се наоѓаат и различни нијанси на црно што овозможуваат силата на светлината и контрастот на екраните да се приспособат што подобро.
Најпозната тест-карта е направена во 1966 година во лабораторијата на компанијата „Филипс“. Содржината во форма на овој шаблон ја дизајнирал инженерот Фин Хендил со помош на главниот инженер Ерик Хемлер Нилсен. Хендил, со својот инженерски тим, создал опрема што ќе го генерира шаблонот наречен „
Philips PM5544“.