Со мнозинство гласови против, Европскиот парламент го отфрли предлогот за почеток на преговорите помеѓу Парламентот, Европската комисија и Советот на Европа за воведување промени во Директивата за авторски права.
- Имавме интензивна дискусија, но всушност станува збор за крај на експлоатацијата на европските креативци на интернет. Мислам дека е неприфатливо тоа што некои сакаат да го искористат овој корпоративен капитализам. Треба да ги заштитиме нашите европски креативци, да застанеме на нивна страна. Кампањата што ја спроведоа „Фејсбук“ и „Гугл“ е заснована на лаги. Нема никакво ограничување за користење кај просечните корисници, тие не се одговорни за кршење на авторските права - вели Аксел Вос, еден од претставниците на предлогот.
Од друга страна, претставничка која се противи на ваквиот вид уредување на авторските права повика на отфрлање на предлогот.
- Постои вистинска загриженост за влијанието на членот 13 врз слободата на говорот. Сѐ уште постојат контроверзии околу начинот на имплементирање на овие правила. Треба да ги слушаме експертите кои го кренаа гласот против овој предлог, против кој повеќе од милион луѓе потпишаа петиција, а гласот го крена и креаторот на интернетот, сер Тим Бренерс-Ли - истакнува претставничката во својот говор.
Со мнозинство гласови беше отфрлен предлогот во Европскиот парламент за започнување преговори со Европската комисија и Советот на Европа за креирање нова директива. (318 против, 278 за, 31 воздржан).
Со силен аплауз, предлогот на Одборот е префрлен за наесен, со што се купени уште два месеца - во текот на овие два месеца може да се излобираат измени на предложените измени, односно да се работи на подобар предлог.
За потсетување, станува збор за предлог во кој, од една страна, ќе се воведат строги правила за заштита на авторските права на интернет, но, од друга страна, ќе се ограничи начинот на кој ќе се споделуваат податоците, документите и линковите.
„Википедија“ против предложените промени
Популарната интернет-енциклопедија „Википедија“ изминативе неколку дена се обидуваше да ги поттикне своите посетители да се побунат против предложените промени на директивата за заштита на авторските права.
„Википедија“ одлучи јавно да го покаже своето несогласување за предложените промени, па привремено ги затвори шпанската, италијанската и полската верзија. Oстанатите посетители, за време на посетата на својата национална страница, можеа да видат оглас со молба и повик за акција.
Фото: Zimo
Основачот на „
Википедија“, Џими Вејлс, објаснува дека се одлучиле на овој потег за да се насочи вниманието на тоа колку „погубна“ е директивата.
Секако, целата приказна стигна и до Европската комисија, која на „Твитер“ одговори дека „Википедија“ и другите интернет-енциклопедии нема да бидат опфатени со новите правила.
- Непримерно е за
Европската комисија јавно да лобира и да ја лаже јавноста на тој начин - одговори тој на „Твитер“.