X
 06.07.2019 Економија

Биткоинот годинава пораснал за дури 200 отсто

Цената на биткоинот закрепна и минатата недела достигна највисоко ниво во 2019 година од речиси 14.000 долари. Вкупната пазарна вредност на биткоинот сега изнесува 202,8 милијарди долари, што е за околу 67,1 милиони долари повеќе од вкупната пазарна вредност на сите други криптовалути заедно.

Интересот за биткоинот и криптовалутите меѓу некои од најголемите технолошки компании во светот, како што се „Фејсбук“ и „Епл“, покажува дека има сè поголема доверба во биткоинот, криптовалутите и блокчејн-технологијата.

Уште една причина за брзото закрепнување од дури 200 отсто во текот на оваа година е таканареченото „преполовување“, со кое заработката за рударење на биткоин се преполовува. Моменталната награда за завршен блок изнесува 12,5 биткоини. Наградата за „рударите“ се намалува за половина на неколку години за да може инфлацијата да се држи под контрола. Во мај 2020 година наградата ќе падне на 6,25 биткоини. Помалата награда ќе го намали производството на биткоинот, што ќе го зголемува растот на неговата вредност.

Минатиот брз раст на биткоинот беше предизвикан од претерана популарност меѓу вложувачите аматери, што доведе до неодржлив раст, но овој пат зајакнувањето на цената го поттикнуваат сериозни инвеститори, а не воодушевени поединци кои реагираат на секоја нова вест.

Исто така, лидерите на земјите од Г-20 неодамна објавија заедничка декларација за криптовалутите. Лидерите потврдија дека криптовалутите не претставуваат закана за светската финансиска стабилност и додадоа дека уште треба да се работи на нивната стандардизација.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија