X
 03.09.2018 Живот

Како нѐ окупираа бесмислените работни места: драматичен раст на работи што не создаваат нова вредност

Постојат милиони луѓе, како што се вработените во човечки ресурси, истражувачи од телемаркетинг, адвокати на корпорациите, чии работни места се бескорисни. Овие работни места им оневозможуваат на поединци, корпорации и постојни културни шеми да се менуваат во значајни општествено корисни активности.

Неодамна отворената „Спид-фабрика“ на „Адидас“ во Баварија ќе вработи само 160 работници кои ќе произведуваат дури половина милиони чевли годишно, што е пет пати повеќе отколку просекот. Се проценува дека ако целото производство на „Адидас“ би било автоматизирано на ист начин, од половина милион работници што моментално се вработени во синџирот на снабдување на оваа глобална корпорација ќе остане секој десетти. Низ светот потенцијалот за автоматизација е огромен, но и покрај тоа, растот на продуктивноста силно се намалува во развиените земји, особено по финансиската криза во 2007 и 2008 година. Анди Халдан, главен економист на Централната банка на Англија, смета дека можно објаснување е тоа дека некои компании брзо сфаќаат нови можности, а други компании тоа го прават бавно, што создава голема разлика во растот на продуктивноста, дури и во исти сектори.

rabota
Фото: Profimedia


Фокусот на растот на примената на технологијата во постојните работни места е поврзан со очекуваното забрзување во растот на продуктивноста, а со тоа се создава искривена слика. Според Давид Грабер, автор на бестселерот посветен на бесмислените работни места, клучната бариера за динамиката на продуктивноста на работата се токму бесмислените работни места што не создаваат дополнителна вредност и чиј раст е голем.

Грабер тврди дека дури 30 отсто од сите работни места може да се сметаат за бесмислени, непотребни, односно не произведуваат вистински вредна работа и услуги, а настануваат од конкуренција за приходи и статус. Тој потенцира дека постојат милиони луѓе, како што се консултанти за човечки ресурси, координатори на комуникации, истражувачи на телемаркетинг, адвокати на корпорациите, чии професии се бескорисни.

Погледот кон светот од перспектива на антрополог, а не економист, е секако добредојден. Сепак, фокусот на демотивираните работници што извршуваат бесмислени работи може делумно да нѐ оддалечи од пошироката слика. Имено, одредени поединци може да се сметаат стимулативни и вредни за многу професии што суштински не можат да придонесат за целокупната благосостојба. На пример, некој е посветен на целите на одредена хуманитарна организација и чувствува задоволство во собирањето средства за неговата работа. Но, најчестиот резултат е дека трудот на оваа личност само довел до пренасочување на парите од другите хуманитарни организации, во кои некој еднакво мотивирано работел на истата задача. Може поточно да се каже дека на ваквите работни места се врши редистрибутивна функција со нулта исход, при што посветеноста, вештините, трудот и применетата технологија не можат да ја зголемат вкупната човечка благосостојба.

Многу работни места спаѓаат во овие категории: сајбер-криминалци и експерти за сајбер кои се вработени во компаниите за да ги одбијат нападите на своите „колеги“, адвокати - поголемиот дел од финансиските трговии и управување со имоти на берза, даночните сметководители, огласувачите за маркетинг и експертите за креирање брендови (кои евентуално ќе потиснат друг бренд), креаторите на ривалски политички кампањи, па дури и наставниците кои по секоја цена сакаат нивните ученици да постигнат повисока просечна оценка.

Сепак, треба да се каже дека многу од овие работни места вклучуваат и вистински креативни, а не само дистрибутивни активности. Дополнително, активностите со нулта-исход можат да се најдат во сите сектори: компании што произведуваат може да вработат даночни сметководители за вештачко намалување на фискалните обврски, како и врвни раководители кои ќе се фокусираат на финансискиот инженеринг.

Постојат убедливи истражувања што покажуваат дека бирократијата негативно влијае врз продуктивноста, организацискиот отпор и иновациите. Набљудувајќи ја практиката на управувањето со мали, но голем број, постбирократски компании, може да се види дека е можно да се води комплексно претпријатие со помалку од половина просечен менаџерски персонал. Меѓу нив спаѓа Свенска Ханделсбанкен (банка во Стокхолм со повеќе од 800 филијали низ Северна Европа и Британија). Во оваа корпорација со 12.000 соработници, постојат само три нивоа на одлучувања, додека деловните одлуки се речиси целосно децентрализирани. Искуствата на овие компании укажуваат на тоа дека е можно двојно да се зголемат вработените во однос на менаџерите и администраторите.

Би имало индиректна заштеда. Многу истражувања покажале дека дури половина од времето е изгубено во внатрешни активности за управување со активности во кои се создава ниска додадена вредност, од буџетирање до ревизија на перформансите. Ако луѓето што не создаваат никаква економска вредност се преместат во активности каде што се создава нова вредност, БДП на една земја би пораснал многу. Ако „товарот“ на овие работници во наредната деценија се преполови, растот на продуктивноста би се зголемил за 1,3 отсто на годишно ниво, што би го удвоило инаку ниското ниво на продуктивност, особено во изминатите десет години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот