Оваа недела се случи уште една голема измама во светот на криптовалутите, која треба да послужи како предупредување за инвеститорите кои сакаат да заработат пари на непознати и непроверени „меме“ криптовалути. Овој пат станува збор за лансирање нова „меме“ криптовалута поврзана со ултрапопуларната серија „Игра со лигни“ на „Нетфликс“.
Одредени луѓе, под лажни имиња, пред една недела ја лансираа криптовалутата „Сквид гејм токен“. Криптовалутата беше лансирана како што обично се случува со нови и непознати дигитални токени, по многу ниска цена од само 1 цент за токен. На клиентите им е ветено дека со купувањето токени ќе добијат пристап до онлајн игра инспирирана од серијата, во која ќе можат да ги заработат и разменат тие токени.
По само 72 часа од лансирањето, вредноста на дигиталниот токен „Squid“ изнесуваше 4,42 долари. Тоа значи дека клиентите можеле да постигнат поврат на инвестицијата од дури 44.100 отсто за толку кратко време. Криптовалутата ја објавија големите светски медиуми, ретко или воопшто не нагласувајќи дека нема директна врска со „Нетфликс“ и самата серија.
Пад од 99,9999 отсто
Лудото покачување на вредноста продолжи, но на 1 ноември почнаа проблемите. Корисниците почнаа да известуваат дека не можат да ги продаваат своите токени на берзата „PancakeSwap“, а вредноста почна да расте уште побрзо. Во текот на тој ден, за само три и пол часа, се зголеми за дополнителни 7.500 отсто, достигнувајќи врв на 2.861,80 долари. Но, иако на хартија беа богаташи, не секој што ја купил оваа криптовалута по секоја цена може да ја продаде - програмерите вградиле механизам за антидампинг. И тогаш - невиден пад.
Кратка и тажна историја на токенот „Squid“
По само пет минути на врвот на цената, следуваше целосен колапс. Цената на токенот падна за 99,9999 отсто, на мизерни 0,0007926 долари. Со оглед на тоа што зголемувањето на вредноста беше вештачки надуено, а не беше резултат на зголемен интерес или обем на трговија, овој пад беше, исто така, вештачки предизвикан. Токенот практично стана безвреден, а организаторите на целата приказна ги подигнале парите што ги заработиле од продажбата и исчезнале без трага.
Тие, наводно, претходно се жалеле дека некој се обидува да ги хакира, што сега изгледа како изговор. Веб-страницата на проектот е затворена, со токенот не може да се тргува, а процените се дека авторите успеале да „украдат“ околу 3,38 милиони долари со оваа измама.
Фото: Screenshot/YouTube