Нов пункт за вакцинација во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ најави министерот за здравство Венко Филипче со цел вакцините да бидат подостапни и за младите граѓани, за да вакцинираат во поголем број во периодот што претстои. Филипче ги повика младите да се вакцинираат нагласувајќи: „Докажано е дека вакцината е безбедна, докажано е дека е ефикасна, не треба да има страв, тоа е еден од начините да се спречи ширењето на вирусот. Битно е младите да се социјализираат, да ги вратат назад своите животи.“
Тој оцени дека вакцинацијата се одвива добро, процесот тече регуларно во сите пунктови низ државата и додаде дека во изминатиот период е пораснат опфатот со вакцинација кај повозрасните граѓани. Од вкупното население над 40 години, вакцинирани се 53 отсто. Младите граѓани се оние што се во моментов најизложени на вирусот, изјави Венко Филипче пред малата сала во А1 СЦ „Борис Трајковски“.