Процесот тече, но мора да потенцирам дека има многубројни забелешки во однос на усогласеноста со Законот, и тоа кај сите статути, вели пратеничката Жаклина Лазаревска
Работата на македонските универзитети е закочена бидејќи статутите што од летово се во собраниска процедура сѐ уште не се дојдени на дневен ред.
Универзитети се жалат дека едвај функционираат, а од Собрание велат дека имаат голем број забелешки за секој статут и дека многу членови се косат со Законот за високото образование.
Избор на нови декани, финансирање на проекти, организирање на секојдневната работа, како и студентското организирање се само дел од проблемите со кои се соочуваат универзитетите бидејќи во моментов работат без статути. Тие претрпеа измени бидејќи мораа да се усогласат со измените во новиот Закон за високо образование.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, ни изјави дека неизгласувањето на Статутот на УКИМ ги кочи работата и функционирањето на Универзитетот.
- Навистина е тешко да се работи вака. На пример, треба да избереме два нови декани, а не можеме бидејќи немаме Статут. Веќе ставивме еден в.д. декан на факултет, но не може вака до недоглед да одиме. Исто така, сѐ уште не може да профункционира и новиот начин на студентско организирање. Постојано прашуваме дали студентите што се дел од нашите работни тела во меѓувреме завршиле со студиите бидејќи веќе долго време е истиот состав и на Студентскиот парламент - вели Јанкуловски.
Тој потенцираше дека Статутот на УКИМ е во согласност со Законот за високо образование и дека е навреме доставен до Собранието.
Од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ велат дека засега нема поголем застој во работата на факултетите, освен во делот со студентското организирање.
- Немаме во овој период избор на декани или ново раководство на Универзитетот чиј избор е поврзан со Статутот, но секако дека е засегнато студентското организирање. Тие сѐ уште немаат можност да си изберат нови претставници, односно нема можност да се распишат избори за ново раководство - ни изјави Ристо Костуранов, генерален секретар на УГД.
Претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието, Жаклина Лазаревска, вели дека доцни изгласувањето на статутите на универзитетите бидејќи дел од нив не ги доставиле навреме во Собрание, но и поради големиот број забелешки во нив.
- Дел од статутите се веќе доставени до нашата Комисија, но дел сѐ уште се на разгледување во Влада поради големиот број забелешки и неусогласеност со Законот за високо образование. Во исчекување сме на мислењето од Владата за дел од статутите, кои потоа ќе одат на прво читање во нашата комисија. Дел од нив се веќе кај нас на прво читање. Процесот тече, но мора да потенцирам дека има многубројни забелешки во однос на усогласеноста со Законот и тоа кај сите универзитети. Ова се многу важни документи, според нив во иднина треба да функционираат сите високообразовни институции во земјава и не смее да се провлече ниту една грешка или неправилност - ни изјави Лазаревска.