Министерството за здравство ја информира јавноста за препораките на Националниот комитет за имунизација. Во продолжение ви ги пренесуваме интегрално:
-Стручните препораки во однос на имунизација против ковид-19 се дефинираат водејќи се од потврдени и прифатени податоци и докази кои потекнуваат од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести, како Европскиот и Американскиот центар за инфективни заболувања (CDC и ECDC), од регулаторните медицински агенции ЕМА и ФДА и од СЗО. Препораките од овиe организации се дека за комплетна имунизација против ковид-19, потребно е добивање на две дози (со исклучок на вакцината на Ј&J која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примање на втората доза. Во однос на типот на вакцините, потребно е имунизација да се изведе со вакцина од ист производител, освен доколку не постои здравствена контраиндикација за тоа.
-Прележувањето на ковид-19 не преставува пречка за вакцинација и лицата што ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат. Имунитетот кој се создава по прележување на болеста, како и самиот тек на болеста, е индивидуален и може да биде комплетно асимптоматски со постигнување послаб имунитет, до тешки облици и компликации од болеста и состојби на т.н. пролонгиран ковид.
-Временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку од месец дена. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата.
-Кај лицата кај кои во текот на лекувањето е дадена терапија со моноклонални антитела или конвалесцентна плазма, вакцинацијата може најрано да биде по 3 месеци од терапијата и комплетно оздравени од болеста.
-Кај лицата кои во периодот меѓу примање на двете дози од вакцината против ковид-19 се потврди дека се позитивни, втората доза на вакцината се одложува до период кога лицето ќе биде комплетно оздравено од болеста.
-Одредени научни истражувања кои сè уште се лимитирани упатуваат дека кај прележаните лица со ковид-19 можно е да е потребна само една доза на вакцина. Сепак, бидејќи нема точни податоци колкава заштита обезбедува само една доза на вакцина, овој став не е прифатен од релевантните здравствени регулаторни тела.
-Лицата кои се комплетно имунизирани (со две дози од вакцината против ковид-19, по поминати 14 дена од втората доза) мали се шансите при контакт на вирусот да се инфицираат и да бидат позитивни, но тие се со полесни симптоми на болеста. Вакцината обезбедува заштита од развој на тешки облици на болеста и смртност. Податоците покажуваат дека кај лицата кои се вакцинирани, доколку се развијат симптоми, болеста минува многу поедноставно и без тешка клиничка слика.
-Епидемиолошките податоци на светско ниво покажуваат дека болеста се шири и доаѓа до заболување на лицата кои не се вакцинирани, а во овој бран доминантно тоа се младите лица како популација, кај кои процентот на вакцинација е најнизок.