X
 25.05.2020 Образование

Ректорот Јанкуловски: Постапката за избор на ректор на УКИМ е во согласност со Законот за високо образование

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски вели дека почната постапка за избор на ректор на УКИМ е во согласност со Законот за високо образование. Независниот академски синдикат (НАкС) денеска реагираше зашто Јанкуловски ја продолжил постапката за избор на нов ректор во услови на вонредна состојба. Тој, пак, вели дека УКИМ веќе трет месец од воведувањето на вонредната состојба во земјава, користејќи ги сите расположливи човечки и технички ресурси, успешно ги извршува својата работа и мисија.
-Тоа беше посебно апострофирано на последната седница на Ректорската управа од страна на претседателот на Универзитетското студентско собрание – вели Јанкуловски.

Во продолжение го објавуваме неговото обраќање:

„Започнатата постапка за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование. Согласно овој Закон, изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, туку изборот ќе го извршат членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ. Постапката за избор на ректор ќе биде спроведена согласно споменатиот Закон, Статутот на УКИМ и, секако, роковникот ќе се спроведува согласно превентивните мерки на Владата на РСМ за справување со состојбите предизвикани од последиците од Ковид-19. Членот 5 од цитираната Уредба со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, се однесува за продолжување на мандатот на органите на универзитетот и единиците каде тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот, така што имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци и сл., постапката за избор на ректор треба да продолжи. Нагласувам дека УКИМ во Скопје веќе трет месец ја прилагодува својата работа согласно споменатата Уредба и согласно сите превентивни мерки и протоколи. Моја должност и обврска како ректор на Универзитетот е да ја продолжам започнатата законска постапка за избор на ректор и да ја спроведам во најдемократска и отворена постапка за што сведочат и веќе закажаните седници на органите на Универзитетот кои имаат должност и обврска да ја спроведат оваа постапка, за жал и во овие вонредни корона состојби. Напротив, непродолжувањето на веќе започната постапка за избор на ректор на Универзитетот значи директна повреда и непочитување на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот.

Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку само станува збор за спроведување на законска постапка која ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница.

За жал, Корона вирусот веројатно уште долго време ќе биде присутен во нашите животи и наша обврска е да ги адаптираме нашите животи и работа согласно новите состојби. Корона вирусот ќе биде присутен, но сите ние треба да продолжиме да работиме. Ни претстојат испитите, уписот на новите студенти, изборите на новите органи на Универзитетот: на декани, нов Сенат, нов ректор... Никако не смееме да застанеме. Мора да продолжиме напред...“.

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование