По новиот бран на коронавирус, европските земји размислуваат за масовно тестирање на големи делови од нивната популација во обид да го спречат наглиот пораст на бројот на заразени лица и да најдат начин да живеат со вирусот. Словачка е првата земја што спроведе толку обемна операција.
Европските влади, под притисок од есенскиот бран, сега се насочуваат кон масовно тестирање. Така, британската влада ќе побара од секој жител на Ливерпул да направи тест за Ковид-19, бидејќи канцеларијата на премиерот Борис Џонсон минатиот викенд испрати советници во Словачка за да ја следат една од најамбициозните европски програми за тестирање, пишува „Вол стрит журнал“ и додава дека масовното тестирање во централноевропската земја со 5,4 милиони луѓе ќе им понуди на властите увид во тоа каде помага тестирањето и кои се ограничувањата.
Во Белгија властите побараа од здравствените експерти да направат модел кој ќе покаже дали програмата што се спроведе во Словачка би можела да помогне во борбата против пандемијата, за системот на надзор да може да ги следи заразените, вели Херман Гусенс, професор по микробиологија на Универзитетот во Антверпен и советник во владата.
За овој концепт се разговарало и на состаноците на НАТО, како и во Европската Унија, пишува „Вол стрит журнал“, истакнувајќи дека идејата за тестирање на цела заедница наиде на различни мислења кај епидемиолозите во Европа, па така дел од нив се прашуваат дали тестовите се користат ефикасно, со оглед на тоа што истите можат да се користат за чести прегледи на високоризичен персонал, како што се медицински работници, полицајци и негувателки.
Упатствата на Светската здравствена организација ги поттикнуваат владите да ги следат заразените од случај до случај, наместо стотици илјади или милиони луѓе да се тестираат одеднаш. Но, овој систем пропадна во поголемиот дел од Европа, делумно затоа што има премногу случаи. Од друга страна, Кина ја контролираше епидемијата со тестирање на цели градови - минатиот месец беа тестирани речиси 9 милиони жители на градот Џингдао во период од 3 дена откако се појавиле 12 случаи.
Словачка за 2 дена успеа да тестира повеќе од 3,6 милиони луѓе, односно две третини од својата популација. Операцијата наречена „Заедничка одговорност“ беше првиот обид за сеопфатно тестирање од големи размери во Европа.
Словачка одлучи да почне со огромниот напор да се тестираат сите постари од 10 години откако случаите на Ковид-19 почнаа да растат минатиот месец. За тестирањето беше задолжена војската, бидејќи планот предвидувал распоредување на 40.463 лица, вклучувајќи 14.500 здравствени работници и 6.319 војници, на речиси 5.000 локации низ целата земја.
Според официјалната веб-страница на словачката програма, нешто повеќе од еден отсто од испитаните, или околу 38.360 луѓе биле позитивни.
Словачката програма користеше брзи тестови што даваат резултати за неколку минути. За разлика од молекуларните дијагностички тестови (ПЦР), антигенските тестови не мора да се обработуваат во лабораторија и затоа се побрзи и поевтини, но може да бидат и помалку сигурни. Додека ПЦР-тестовите бараат генски материјал за вируси, антигенските тестови бараат делови од протеини од вирусот.
Ливерпул ќе биде првиот град во Велика Британија во кој на сите ќе им биде понудено тестирање. Ќе бидат распределени 2.000 војници за да постават и да ги водат центрите за тестирање.
Доколку им успее пилот-програмата, масовното тестирање ќе се прошири низ целата земја, со цел да се дистрибуираат милиони 15-минутни тестови кога Велика Британија во декември ќе излезе од последните мерки на карантин.
Бидејќи седум до десет заразени немаат никакви симптоми, британските власти веруваат дека тестирањето низ целата земја е единствениот начин да се живее со вирусот додека не се најде вакцина. Исто така, ќе се ангажираат илјадници луѓе за следење на контактите за да се справат со дополнителни позитивни случаи.
И Германија ќе ги користи новите видови тестови за подобро справување со есенскиот бран. Земјата неодамна објави дека купува милиони антигенски тестови. Портпаролот на германското министерство за здравство изјави дека производителите се согласиле да достават 9 милиони тестови во ноември и 11,5 милиони тестови во декември.
Експертите предупредуваат дека иако антигенските тестови сега се попрецизни, не треба да се гледаат како замена за стандардниот ПЦР-метод. Од друга страна, тестовите ги исполнуваат критериумите на СЗО, која бара чувствителност од 80 отсто.
Извор:
B92.net
Фото: Freepik