Домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи ќе добијат и студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години, ослободени од работни обврски и понатаму ќе бидат родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, моловите ќе работат до 22 часот. Ова се само дел од мерките кои денеска ги усвои
Владата на својата 65-та седница.
Владата донесе Одлука за измена и дополнување на Протоколот за редовна работа на моловите, со кои работното време на овие објекти се определува во периодот од 10:00 до 22:00 часот, со исклучок на недела кој останува неработен ден.
На денешната седница е усвоен Протокол за постапување за време на квалификационото тестирање на учениците кои имаат интерес за запишување во средните училишта во паралелките во кои се изучува германски јазик со шест часа неделен фонд, во паралелките во кои се реализира билингвална настава и во паралелката во која се реализира програмата за Меѓународна матура во гимназијата „Јосип Броз Тито”, во учебната 2020/2021 година.
На оваа седница е усвоен и Протокол за државна матура, кој е наменет за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година.
Владата денеска заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот.