X
 07.02.2017 Живот

Фрази кои никогаш нема да ги чуете од паметните луѓе

„Јазикот коски нема, но коски крши“, затоа, внимателно со зборовите.

Сите ние понекогаш кажуваме нешта што луѓето околу нас различно ќе ги интерпретираат. Овие навидум бенигни коментари водат кон ужасни чувства на обострано незадоволство со соговорниците. Вербалните грешки често се појавуваат, бидејќи изговараме нешта без да ги знаеме суптилните импликации што ги носат во себе. За да се разберат тие импликации потребна е социјална свест – способност да се забележат емоциите и искуствата на другите луѓе. Најчесто социјалната свест отсуствува бидејќи се сосредоточуваме на тоа што ќе го кажеме следно и како одговорот што ќе го добиеме ќе влијае врз нас, поради што го губиме од вид нашиот соговорник.

Сепак, постојат неколку изрази кои емоционално интелигентните луѓе внимателно ги избегнуваат за време на вообичаен разговор. Ви споделуваме кои фрази се погубни во разговорите со други луѓе.


Фото: Pixabay

Изгледаш уморно

Ова подразбира дека изморените луѓе изгледаат неуредно, отсутно и мрзоволно. Наместо оваа неумесна констатација, можете да го прашате соговорникот дали е сè во ред со него, што подразбира дека се грижите за неговата состојба и сакате да помогнете доколку е потребно.

Ти секогаш... или Ти никогаш... 

Никој не се гледа себеси како еднодимензионално суштество, па не би требало да истапуваме со вакви дефиниции. Овие фрази ги одбиваат луѓето, поради што ќе станат затворени за комуникација. За да избегнете непријатност, можете хипотетички да им кажете што би направил некој вам близок доколку вие сте се нашле во таква ситуација.

Како што реков и претходно...

Повторувајќи се себеси по неколку пати може да укажува дека сте несигурни или дека за себе мислите дека сте подобри од сите останати. Подобра варијатна е да најдете нов и поинтересен начин да се повторите, ако намерата ви е да бидете запомнати.  

Со среќа! или Среќно!

Оваа фраза е од тие суптилните што ги споменавме во воведот. Секако дека не е на одмет и воопшто не е лошо некому да му посакате среќа, но не со оваа „несреќна“ фраза, бидејќи може да биде „прочитана“ како единствен начин некому нешто да му успее. Подобро речете „знам дека имаш сè што ти е потребно“ и со сигурност ќе бидете уникатни во посакувањето среќа каде што е потребно.

Од тебе зависи или Како сакаш

Ако некој побарал мислење од вас, значи дека му е важно што мислите вие (инаку не би ве прашал, за да ги добие овие два изрази како одговор). Доколку ви е тешко да објасните, барем понудете некое неутрално мислење (без да заземате страни) со што ќе покажете грижа за соговорникот.

Барем јас никогаш не сум...   

Оваа фраза е агресивен начин да се одвлече вниманието од сопствените грешки преку посочување на некоја стара, веројатно неважна грешка што ја направила другата личност. Наместо тоа кажете „жал ми е“. Признавајќи ја сопствената вина е неверојатен начин да спречите ескалација.

Леле, колку си ослабнал/а!

И повторно – добронамерен коментар што може да создаде непријатен впечаток. Овој израз може да се протолкува дека некој до скоро бил непривлечен и дебел. Поубаво би звучело ако кажете „изгледаш фантастично“, наместо да правите компаративни забелешки.

Во секој случај ти беше предобар/а за неа/него

Ова би значело дека тој/таа некој/а имал/а толку лош вкус што направил/а очаен избор?! Колку поинаку би звучело „тој/таа губи!“, бидејќи нуди оптимистичка поддршка без да подразбира критика.

Изгледаш прекрасно за твои години

Ваквата споредба е апсолутно некултурна! На вистинските комплименти не им требаат квалификации, па затоа едноставно кажете „одлично изгледаш“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот