X
 12.04.2019 Наука

Пет човечки емоции што можат да ги почувствуваат и дел од животните

Чувството на задоволство, болка и на страв не се карактеристични само за луѓето. Всушност, овие чувства се витални за опстанок на единките на голем број видови.

Но, што е со покомплексните емоции, како тагата по губењето на саканата личност и чувството на огорченост кога се соочуваме со нефер ситуации?

Еволуциската биологија и науките за однесувањето и за мозокот открија дека човечкиот нервен систем има сличности со животинскиот, особено со некои цицачи. Така, некои емоции за кои често се мисли дека се човечки не се исклучиво наши.

Еве што вели шпанскиот приматолог и антрополог Пабло Ерероз.

1. Чувство за праведност

Повеќето луѓе може да направат разлика за тоа што е фер, а што не е. Но, тоа е карактеристика и за некои примати, како капучини мајмуните. Истражувањето спроведено од центарот „Јеркес Прајмет“ од Атланта покажува дека овие цицачи одбиваат соработка кога ќе почувствуваат нефер третман.

Истражувачите им давале парчиња краставици на група капучини мајмуни како замена за пластични жетони. На еден мајмун му дале грозје - а грозјето повеќе го сакаат од краставиците.

Веднаш потоа останатите одбиле да ја продолжат соработката во експериментот. Некои дури и ги гаѓале луѓето со парчиња краставица.

2. Желба за одмазда

Речиси секоја личност во некој момент почувствувала желба за одмазда, па зошто да не и некои животни?

Во 2016 година слонови го нападнале градот Ранчи, кој се наоѓа во Источна Индија, присилувајќи ги жителите да трчаат за да се спасат. Животните го барале телото на женка која умрела откако паднала во каналот за наводнување. Животните можат да бидат лути и одмаздољубиви и кон агресивните тренери.

Шимпанзото памети кој му бил пријател, а кој непријател. Ако непријателот го нападне пријателот, одмаздата може да биде близу.

3. Мајчинска љубов

Луѓето обично го сакаат и го штитат своето потомство. Но и многу животни се способни да покажат исто толку мајчина љубов.

Кристина, шимпанзо од Танзанија, отишла доста далеку во грижата на својот потомок, роден со Даунов синдром и хернија што го спречувала да седи. Истражувачите од Универзитетот во Токио биле сведоци за тоа како мајката понекогаш престанувала да јаде за да се грижи за бебето. Не дозволувала никој да го крене нејзиното девојче, како да знаела дека никој не може да го направи тоа подобро од неа. Нејзината ќерка починала на две години.

Пабло Ерероз исто така пишува за мајка слон и нејзиното бебе, од кое била одделена кога ја зеле за циркус во Тајланд. Три години подоцна, по настојувањето на конзерваторска група да го испрати бебето слон кај мајката, бебето и мајката повторно биле обединети во засолниште за слонови. Стоеле еден до друг повеќе од еден час. Потоа почнале да се галат.

4. Скршено срце

Раскинувањето и губењето на партнерот може да предизвика патење. Арите, кои се верни партнери цел живот, интензивно го чувствуваат овој вид губиток. Ако еден од партнерите ненадејно умре, другиот тоа тешко го поднесува: често престанува да јаде и станува послаб. Некои стануваат толку слаби што не можат да се држат на карпите и паѓаат. Дали е ова форма на самоубиство на животното заради љубов?

5. Емпатија и утеха

Луѓето можат да се тешат меѓусебно и да чувствуваат емпатија и сочувство еден кон друг.

Истражување од 2016 година открило дека водните стаорци ги тешат другите стаорци што се под стрес, а истражувачите ова го опишале како доказ за емпатија.

Во еден експеримент паровите биле разделени. Еден стаорец во секој пар бил изложен на благи шокови. Кога повторно биле споени, стаорецот што не бил изложен на шокови се обидел да ја ублажи непријатноста на партнерот.

Друго истражување открило дека шимпанзата можат да се чувствуваат како жртви на агресија, а слично се случува и со делфините, слоновите и кучињата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука