Новопредложен закон на Хаваите не ја забранува директно продажбата на цигарите, но е блиску до тоа. Тамошните медиуми пренесуваат дека пратеникот Ричард Креган претставил нов закон кој повикува на постепено зголемување на минималната возраст на која би било дозволено да се купат цигари во државата. Така, од сегашната 21-годишна возраст до 2024 година би се стасало до 100-годишна.
Не може да се побие фактот дека цигарите се штетни за здравјето на луѓето и создаваат зависност. Но, иако мнозинството пушачи сакаат да ги откажат цигарите, само околу 6 отсто од нив го прават тоа секоја година.
Со повишувањето на минималната старост на која би било дозволено да се купат цигари, оваа американска сојузна држава би им отежнила на граѓаните да си купат цигари, со што можеби ќе им олесни откажувањето.
- Ова е посмртоносно, поопасно од кој било препишан лек и создава поголема зависност. Според мене, ги ослободувате луѓето што се заробени од ужасна зависност и ги ослободувате луѓето од ужасно заробување - истакнува Креган.
Иако одобрувањето на законот несомнено би било добро за здравјето на населението на Хаваи, земјата би се соочила со финансиски последици доколку се случи тоа. Оваа земја годишно генерира околу 100 милиони долари од даноци на продажба на цигари.
Но, надежите се дека со постепеното зголемување на минималната возраст за купување цигари - од 30 години во 2020 на 40 во 2021, 50 во 2022, 60 во 2023 и 100 во 2024 година - државата ќе има време да ги реши реперкусиите за оваа загуба на приходи. Законот исто така не се однесува на електронските цигари или на тутунот за џвакање, па државата би можела да собира данок од таквиот вид никотин.
- Ние како законодавци имаме должност да правиме работи за да спасуваме човечки животи. Ако не ги забраниме цигарите, ние убиваме луѓе - истакна
Креган.