X
 23.07.2024 Живот

Авганистански велосипедистки учествуваат на Олимпијадата и покрај забраната од талибанците

Возејќи по патот во подножјето на швајцарските Алпи, Фариба Хашими се симнува од седиштето на велосипедот вреден речиси 18.000 евра и уште побрзо ги врти педалите за да ја стигне својата сестра Јулдуз, која е неколку метри понапред. Овие сесии за обука се последните чекори во патувањето, кое започнало кога двете сестри од рурална област во Авганистан позајмиле велосипеди и маскирани се тркале додека не морале да ја напуштат земјата, откако талибанците ја презедоа власта.

Сега тие се на пат за Олимпијадата во Париз.

Иако талибанците им забранија на жените да се занимаваат со овој спорт, сестрите ќе се натпреваруваат под знамето на нивната земја.

Напорна борба


Во свет во кој многу врвни спортисти почнуваат да тренираат веднаш штом ќе почнат да одат, Фариба (21) и Јулдуз (24) почнале да возат велосипед многу подоцна. Тие пораснале во Фаријаб, една од најоддалечените и најконзервативни провинции во Авганистан, каде што е практично незамисливо да се види жена на велосипед. Фариба имала 14, а Јулдуз 17 години кога виделе реклама за локална велосипедска трка и решиле да учествуваат.

Но, имале два проблема - немале велосипеди и не знаеле да ги возат. Едно попладне сестрите позајмиле велосипед од соседот. По неколку часа почувствувале дека го совладале возењето. Следниот предизвик бил како да го скријат она што го прават од своите семејства, поради социјалната стигма врзана за жените кои спортуваат во конзервативните области на Авганистан. Сестрите користеле лажни имиња и се маскирале - носеле широка облека, големи марами и очила за сонце за да не бидат препознаени.

Денот на трката осамнал и сестрите ги освоиле првото и второто место.

-Чувството беше неверојатно. Се чувствував како птица што може да лета - рекла Фариба.

Тие продолжиле да се тркаат и да победуваат сѐ додека нивните родители не дознале што прават, откако ги виделе сликите од нив во локалните медиуми.

-На почетокот беа вознемирени. Ме замолија да престанам да возам велосипед. Но јас не се откажав. Тајно продолжив да возам - истакнала Фариба.

Се соочиле со многу опасности - додека возеле велосипед луѓето се обидувале да ги удрат со автомобили и фрлале камења по нив.

Бегање од дома

По четири години откако сестрите почнале да возат велосипед, талибанците ја презеле власта во земјата и укинале многу од правата на жените и им го ограничиле пристапот до образование и начините на кои може да патуваат. Тие, исто така, им забраниле на жените да спортуваат.

Јулдуз и Фариба сонувале еден ден да учествуваат на Олимписките игри. Им било јасно дека ако сакаат да се натпреваруваат, мора да го напуштат Авганистан. Преку врски во велосипедската заедница, успеале заедно со уште тројца велосипедисти да обезбедат места на летот за евакуација организиран од Италија. Кога пристигнале во Италија, се приклучиле на велосипедскиот тим и првпат имале вистински тренинг.

- Немавме професионална обука во Авганистан. Ние само се качувавме на нашите велосипеди и возевме. Не беше лесно да се напушти татковината и семејството - истакнала Јулдуз.

Најтешко ми беше да се разделам од мајка ми. Никогаш не мислев дека ќе морам да се одвојам од моите браќа и сестри поради возење велосипед. Многу се жртвував - рекла Фариба.

Поради владеењето на талибанците во Авганистан, не се знаеше дали на земјата ќе ѝ биде дозволено да учествува на Олимпијадата. Националните олимписки комитети ги избираат спортистите кои ќе се натпреваруваат на Игрите без никакво мешање од властите. Бидејќи забраната на талибанците за спортување на жените го прекршува ова правило и жените не можат да бидат дел од олимпискиот тим на Авганистан, имало повици за забрана на земјата од Игрите во Париз. Но, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) се обиде да најде начин да им дозволи на Авганистанките да се натпреваруваат во Париз. Зад сцената, водачите на спортските организации во Авганистан, од кои некои сега живеат во егзил, разговарале за можноста за формирање специјален тим кој ќе ја претставува земјата во Париз.

Патот до Париз

Во јуни Меѓународниот олимписки комитет објави дека организирал специјален тим со еднаков број жени и мажи за да го претставуваат Авганистан на Олимписките игри во Париз. Ќе се состои од тројца мажи и три жени, од кои две се сестрите.

- Ова беше големо изненадување за двете - вели Фариба.

- Отсекогаш сонувавме да учествуваме на Олимписките игри, ова е нашиот сон - додала Јулдуз.

Меѓународниот олимписки комитет соопшти дека на ниту еден талибански функционер нема да му биде дозволено да присуствува на Игрите во Париз во 2024 година.

Завршни подготовки

Сестрите се подготвуваат за олимписката друмска велосипедска трка со развојниот тим предводен и финансиран од Светската велосипедска унија и со седиште во Светскиот велосипедски центар, најсовремен објект во швајцарскиот град Ејгл. Условите се сосема различни од правливите патишта во Авганистан каде што Јулдуз и Фариба научиле да возат велосипед. Но, нивниот дух не е променет.

- Си даваме сила - јас ја поддржувам неа и таа ме поддржува мене - вели Јулдуз.

- Нашиот успех му припаѓа на Авганистан. Ова им припаѓа на жените во Авганистан. Поради нив одам на Олимпијада - заклучила Фариба.

Извор: bbc.com/serbian

Фото: Screenshot BBC

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот