X
 22.09.2025 Живот

Поголемиот данок на тутунот не го полни холандскиот буџет, луѓето одат преку граница по цигари

Зголемувањето на данокот на тутун во Холандија веќе не ги зголемува државните приходи, главно поради тоа што луѓето купуваат цигари во странство, стои во извештајот на холандското министерство за финансии.

Министерството претходно очекувало дека зголемувањето на данокот за 5 центи по пакување ќе донесе дополнителни 7 милиони евра во државната каса. Сега таа сума се проценува на нула.

- Со моменталното ниво на акцизите на тутунот, понатамошното зголемување ќе предизвика силни промени во однесувањето кои целосно ќе го неутрализираат кој било дополнителен приход - стои во извештајот.

Портпарол на министерството наведе дека намалувањето на пушењето и купувањето цигари во странство значително го намалуваат бројот на продадени цигари и дека купувањето во странство веројатно е најголемиот фактор.

Годинава холандското МФ очекува да собере 2,5 милијарди евра од данокот на тутунот. Акцизата за пакување моментално изнесува 7,81 евра, а дополнително зголемување не е планирано.

Податоците од царинските служби го поддржуваат сето ова. Анализата на запленетите пакувања лани покажала дека 45 отсто од запленетите цигари немале холандска акцизна маркица, во споредба со 15 отсто од 2021 година и 25 отсто од 2023 година.

Поголемиот дел од тие пакувања се купени во странство, каде што даноците се пониски, додека повеќе од 10 отсто од пакувањата биле фалсификувани.

Меѓутоа, зголемувањето на данокот имало позитивно влијание врз јавното здравје. Националниот институт за здравје и заштита на животната средина проценува дека 7 проценти од пушачите престанале да пушат по последното поскапување, додека 22 % го намалиле бројот на испушени цигари, при што околу две третини го навеле данокот како причина.

Извор: NL Times
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот