X
 29.11.2023 Наша тема

Новата концепција во практика: „Бараат да седиме 6 саати во училиште кое е во рурална средина, а последното дрво се става в оган на третиот час“

Сите ученици беа принудени да ја инсталираат апликацијата е-библиотека на своите уреди (мобилни телефони, уреди, компјутери). Дали имаат или немаат, дали знаат да ги користат, особено најмалите, никој не праша. Ние, наставничките, им ги инсталиравме бидејќи голем дел од родителите не се доволно едуцирани да користат компјутер, споделува одделенска наставничка

Новата концепција во основното образование сѐ уште не се покажа применлива во практика. Наставниците што работат по новата програма велат дека се соочуваат со низа проблеми, пропусти и дека во новата концепција има многу небулози, нелогичности. Дека едно им било посочувано на обуките, но сосема друго е во практика. Многу од најавените активности се нефункционални, за многу немаат соодветни материјали и алатки и велат дека даваат сѐ од себе за да ја одржат наставата како што треба.

Сите сме експериментални глувчиња

- За мене како одделенски наставник кој работи уште од почетокот на нејзиното воведување, новата концепција е неприфатлива, конфузна, недефинирана, со континуирани промени кои не се дефинирани уште од старт од страна на главните субјекти кои одлучија да ја имплементираат. Најважно е што таа се воведе без претходна подготовка, избрзано, без да се подготви теренот, без консултација со сите релевантни фактори вклучувајќи ги и наставниците кои се практичари и кои треба да ја реализираат. Воспитно-образовниот процес е жива материја која мора да трпи промени и да ги следи новите техничко-технолошки достигнувања и развојот на образовниот систем по примерот на многу европски земји, но дали ние бевме подготвени? Се разбира дека не. Со други зборови, почна да се применува, а отпосле се размислуваше за проблемите кои се решаваа тековно, без да се размислува како тоа ќе се рефлектира врз сите учесници во наставниот процес. Едноставно сите сме експериментални глувчиња и чекаме да поминат години за да се види какви резултати ќе покаже новата концепција, а во меѓувреме учениците ќе ги сносат последиците од направената штета за која никој нема да одговара - споделува одделенска наставничка од една скопска општина.

Како што вели таа, со обука од два дена наставниците требаше да стекнат вештини и да бидат обучени за новите предизвици.

- Наставниците со 20, 30, па и повеќе години стаж во настава преку ден станаа почетници. Најголем проблем е немањето учебници. Учебниците ги добивме на крај од септември. Годинава сѐ уште нема учебник по Математика за 3 одделение. Изминатата учебна година учениците од 5. одделение добија учебник по македонски јазик на 1 јуни, само 10 дена пред крајот на учебната година. Со дигитализацијата за која се крена голема прашина требаше печатените учебници целосно да се заменат со дигитални. Сите ученици беа принудени да ја инсталираат апликацијата е-библиотека на своите уреди (мобилни телефони, уреди, компјутери). Дали имаат или немаат, дали знаат да ги користат, особено најмалите, никој не ги прашуваше. Ние, наставничките, им ги инсталиравме бидејќи голем дел од родителите и не се доволно едуцирани да користат компјутер - споделува одделенската наставничка.



Содржините не се соодветни за децата

Апликацијата и денес не е во функција, а печатените учебници доцнат или воопшто ги нема.

- Што се однесува до содржините за учење, воопшто не се зема предвид возраста на децата, нивниот когнитивен, психолошки, ментален и емоционален развој. Се зголемија очекувањата. Првачињата мора да имаат одредени предзнаења за да можат да ги исполнат очекувањата и стандардите кои се предвидени од Бирото за развој на образование при упис во прво одделение. Тоа бара измени и на програмата во предучилишните установи за да можат децата подготвени да го започнат основното образование. Со новата концепција содржините што се изучуваа во 6. одделение сега се изучуваат во 4. одделение. Учениците од 1. до 5. одделение треба да научат и да совладаат апстрактни поими кои се преголем залак за нив. Едноставно не можат да ги разберат. Непотизам, емпатија, мито, корупција... има ли потреба уште да набројувам - ни споделува наставничката.

Кога сме кај предметот македонски јазик, посочува дека се изучуваат текстови кои воопшто немаат никаква порака, ниту воспитуваат ниту поучуваат.

- Да не ги заборавам и грешките во учебниците. Ќе наведам пример. Басна која ја изучувавме во 4. одд., а која ја напишал Ла Фонтен, во учебникот пишуваше дека е од Езоп. Грешката беше направена во второто издание на учебникот. Што значи дека наместо да се поправат грешките со повторното печатење, се прават нови грешки - споделува нашата соговорничка.

Електронскиот дневник не функционира


Проблеми има и во неусогласеноста на барањата на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и Просветниот инспекторат.

- На обуките обучувачите ни кажуваа едно, советниците друго, а просветните инспектори бараат трето. Ние, наставниците, сме збунети. Да бидам појасна, на обуката ни кажаа дека додатна и дополнителна настава нема има во распоредите на часови, туку наставникот ќе може да ги реализира во зависност од потребите во други активности во предвидените 5 часа додека учениците се на училиште, по задолжителните предмети. Веќе следната учебна година додатна и дополнителна настава беа задолжителни бидејќи се предвидени со Законот за основно образование. Не ми е јасно зошто доцна се сетија на тоа, зар го занемарија Законот. На почетокот ни кажаа дека треба да пополнуваме формулари за додатна и дополнителна настава и воннаставни активности, а од оваа учебна година тие не важат и не треба да ги пополнуваме. Всушност, не сме ни требале, но никој компетентен не се најде да каже треба или не треба, едноставно ние ги исполнуваме сите задачи за секој случај некој да не ни ги побара - се пожали наставничката.

Иако требаше да го намали обемот на работа, електронскиот дневник редовно им претставува проблем и се соочуваат со затајување и нефункционирање.

- Конкретно за првото тримесечје системот постојано ме одјавуваше и не можев да ги внесам описните оценки. Да не излезе дека само се критикува, концепцијата предвидува и поголема практична настава на иновативен начин, со повеќе обиди, експерименти, истражувања, сето она што се учи да може практично ученикот да го види и доживее. Тоа подразбира училиштето да поседува смарт-табла, компјутер и проектор во секоја училница, опрема, дидактички материјали и помагала, нагледни средства. Јас ја имав таа среќа училиштето каде што работам, иако се наоѓа во рурална средина, да набави сѐ што е потребно за нивна реализација. Но, во разговор со мои колешки од други училишта јасно е дека сите ја немаат таа среќа и се принудени сѐ што е потребно за реализација на содржините да носат од дома, се разбира, доколку сакаат часот да биде реализиран на повисоко ниво - подвлекува наставничката.



Последното дрво се става в оган на трет час


Таа не е единствена што не е задоволна од новата концепција и целиот процес на спроведување. Голем број од наставниците се соочени со истите проблеми и новата концепција наместо да им го олеснува, им го отежнува одржувањето на наставата.

- Некој со години наназад се обидува да го уништи образованието во нашата земја, воведувајќи промени за кои, ве уверувам, повеќето наставници сметаат дека се небулозни. Во однос на новата концепција, би сакала да кажам неколку работи за кои сметам дека се апсолутно бесмислени и апсурдни. Прво, Министерството за образование воведува концепција, а притоа нема учебници. Тоа со учебниците се провлекува 6 години наназад кога станува збор за наставната програма по англиски јазик. Шест години сме без учебници, со насоки дека не сме реализирале учебник, туку програма, меѓутоа, реализацијата на таа програма е без хартија, без тонер, без печатач, без компјутер, без лаптоп, па дури и без маркер затоа што училиштата не ги обезбедуваат овие материјали - споделува една наставничка од внатрешноста на Македонија.

Второ, таа посочува дека доколку се бара од наставниците да седат 6 саати на работа, тогаш фер е да се обезбедат минимални услови за тие да можат да седат и да ги извршуваат обврските.

- Имено, во подрачното училиште во кое работам нема компјутер за сите наставници и нема интернет. Интернет и лаптоп обезбедувам самата! Како да останам 6 саати на работа кога немам основни услови за работење? Како децата да останат 6 саати на училиште кога постојат училишта кои сѐ уште се греат на печки на дрва, а притоа последното дрво се става на третиот час? Што да прават тие деца во период од шест саати со оглед на тоа што не сме Финска, па да имаме огромни училишта со базени, спортски сали, училници за забава, кино и слично? Како планираат господата од МОН овие деца да останат во клупа 6 саати? Дали некој наставник беше вклучен кога се изготвуваше оваа апсурдна концепција? Дали воопшто некој има слух за наставниците и дали конечно ќе бидеме чуени, почитувани и ценети, ако не од некој друг, барем од самото Министерство за образование - револтирано ни сподели наставничката.



МОН: Промените се случуваат етапно

За ваквиот револт и жалби од наставниците, од Министерството за образование и наука ни изјавија дека промените во основното образование се случуваат етапно, веќе трета година по ред и фокусот е насочен кон сите аспекти што го засегаат квалитетот на образовниот систем – нови наставни програми и учебници, инвестиции во образовната инфраструктура и опремување на училиштата и мотивација на наставниот и стручниот кадар во училиштата.

- Во употреба се нови наставни програми и учебници од прво до шесто одделение, а од следната година во седмо одделение. Оваа учебна година сите учебници се доставени до училиштата, освен историја и општество за петто и шесто одделение, за кои на неколку повици не се пријавуваат рецензенти. Ниту учениците ниту наставниците во ниеден момент лани и годинава не беа и не се оставени без соодветна литература и насоки, па така за предметите за кои одобрувањето на учебниците се пролонгира, беа изработени помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците и тие се достапни на веб-страницата на Бирото за развој на образованието. Дополнително во изминатите 2 години значително е унапредена образовната инфраструктура. Годишно се инвестираат околу 1 милијарда денари за изградба на нови училишта и спортски сали, како и за реконструкција на постојните. Се набавија нови кабинети по природни науки, како и опрема за кабинетите по општествени науки – историја и географија, во сите основни училишта - ни изјавија од МОН.

Во позитивни аспекти на образованието ги посочуваат и платите на наставниците, кои само за една година се зголемени за околу 35% (15% во септември 2022 година, 3% во јануари 2023 година и 15% во септември 2023 година).

- Цениме дека сето тоа придонесува за создавање покреативна настава, образованието станува интересно за младите, учењето со разбирање го замени класичното меморирање податоци, а знаењата кои ги стекнуваат учениците се практично применливи. МОН е отворена институција за комуникација и на дневна основа заедно со училиштата се заложуваме за поквалитетно образование за младите. Од голема важност е ангажманот на локалните самоуправи, кои исто така треба и во иднина уште повеќе да бидат фокусирани на оваа цел - додаваат од МОН.

Фото: Архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема