X
 07.02.2020 Образование

Денеска ќе се избира студентски лидер. Но, студенти бараат прво да се утврдат правилата за гласање

Конститутивната седница на Студентското собрание во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е закажана за денеска напладне. Седницата ја закажал ректорот Никола Јанкуловски, а на дневен ред ќе бидат две точки – верификацијата на мандатот на членовите и конституирање на Универзитетското студентско собрание, како и избор на претседател на Собранието.

Како што дознава Факултети.мк, мнозинството избрани претставници сакаат да се направи измена на дневниот ред и да не се избере лидер уште на денешната средба зашто, како што велат, сè уште немаат пропишани правила според кои ќе се гласа лидерот.

Еден од нив е и Борјан Ефтимов, претставник на  Студентското собрание на Правниот факултет, кој доставил и писмено барање до Ректоратот за да се направи измена на дневниот ред. Тој изрази несогласување со начинот на кој била свикана седницата, поради тоа што не им бил даден доволно долг временски период за да се подготват и соодветно да ги испланираат своите активности.


Борјан Ефтимов

- Мораме да ги земеме предвид обврските на членовите на Универзитетското собрание и во иднина седниците да ги свикуваме благовремено. Мислам дека е погрешен начинот на кој е „регулиран“ изборот на претседател и затоа верувам дека изборот на претседател не треба да се случи на првата седница поради две причини: немаме пропишани правила за избор на претседател на УСС, односно не знаеме дали гласањето ќе биде јавно или тајно, дали ќе има изборна комисија која ќе ги брои гласовите, како ќе се одвива процесот на претставување на кандидатите и ред други работи што мора да биде уредени. Членовите на УСС првпат ќе се сретнат формално и нема да имаат време, ниту простор да се запознаат со кандидатите, нивната мотивација, програма, цели и идеи - објаснува Ефтимов.



Тој предлага, меѓу другото, да се избере претседавач на конститутивната седница и да се формулираат правилата според кои ќе се одвива изборот на претседател.

- Веќе долго и внимателно го водиме процесот на креирање нормално студентско претставничко тело, па затоа не сметам дека одложување на изборот од неколку дена ќе биде губење време, токму напротив, мислам дека доколку правилно го уредиме процесот, само дополнително ќе му дадеме легитимитет и легалитет на УСС како единствен демократски претставник на студентите. Само така нема да оставиме простор да биде фрлена црна дамка на целиот процес и нашиот мандат - вели тој.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование