X
 31.08.2018 Наша тема

Информатичките, економските и општествените науки - најпривлечни за идните студенти

Бруцошите вчера навалија на ФИНКИ, Филозофски, Економски и ФЕИТ

Идните бруцоши вчера буквално го нападнаа Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Според првичните податоци од првиот уписен ден, за овој факултет има најголем интерес, но добро поминале и Филозофски, Економски и Факултетот за електротехника и информациски технологии.



Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Иван Чорбев, за Факултети.мк изјави дека бројките се во рамките на минатогодишните, но има пораст. За точна бројка, рече дека ќе се произнесе Ректоратот на УКИМ. Но, ако се знае дека лани на ФИНКИ се запишаа околу 800 студенти, не се исклучува можноста годинава да ја премине бројката од 900. Според Конкурсот за упис, место има за 1.100 студенти.

- Ние сме задоволни од првиот уписен ден, генерално за сите насоки има интерес. На оние што нема да им се исполни првата желба за насоката, имаат избор и за друга.
Со оглед на постојаното зголемување на бројот на студенти, го прашавме Чорбев дали ФИНКИ има капацитет да ги издржи бројките.
- Капацитетите растат, би можеле и подобро да растеме со соодветна поддршка од Владата. Лани вработивме четири асистенти, но има потреба од повеќе. Очекувам и следните уписи да ги организираме во новата зграда – вели Чорбев.



Од Економскиот факултет од Скопје нѐ известија дека на првиот ден се запишале околу 500 студенти. Квотата за Економски е 1.120 студенти.
- Задоволни сме, сѐ е во рамките на очекуваното. Имаме запишано над 500 студенти. Голем интерес има за насоките Е-бизнис, Сметководство и ревизија, но и за Финансиски менаџмент – вели проф. д-р Љубомир Дракулевски, декан на факултетот.

На Филозофскиот факултет при УКИМ вчера до 11 часот се пополни повеќе од половина квота. Беа пријавени 570 студенти. Годинашната квота изнесува 1.095 студенти – 445 редовни, 435 со кофинансирање и 215 вонредни студенти.
- Најголем интерес има за психологија, безбедност, дефектологија, социјална работа и социјална политика. Секако, има интерес за сите студиски програми – вели деканот, проф. д-р Ратко Дуев.



На Факултетот на електротехника и информациски технологии годинашната квота изнесува 660 студенти, 440 во редовната квота и 220 со кофинансирање.

- На Факултетот за електротехника и информациски технологии се пријавени 265 матуранти од цела Македонија на првиот ден од првиот уписен рок. Интересот по области е сличен како и минатите години. Најголем интерес постои за обновливи извори на енергија и за насоките што ги третираат ИКТ-системите и новите технологии. Факултетот им излегува во пресрет на сите заинтересирани кандидати и тие можат задолжителното онлајн-пријавување да го направат и во просториите на факултетот, а можат и да испечатат одреден потребен документ. Уписот тече без позначајни проблеми и очекуваме дополнителни кандидати и во текот на утрешниот ден – објаснува проф. д-р Владимир Атанасовски, продекан за финансии на ФЕИТ.



На ТМФ вчера се пријавиле 60 студенти. Деканот, проф д-р Јон Магдески, вели дека очекуваат документи од 75 кандидати кои се пријавиле електронски. Тука има место за 305 студенти.
- Ако достигнеме бројка до 100 студенти заклучно со третиот рок, ќе бидеме задоволни. Кај нас најпопуларна е насоката Прехранбена технологија и биотехнологија – вели Магдески.

И од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се задоволни од пријавените кандидати. Бројката се движи во рамките на минатогодишните уписи.
- За 135 слободни места електронски се пријавени 108 кандидати. Досега документи поднеле 80 – велат од факултетот.



На Правниот факултет „Јустинијан Први“ има по 490 места за редовни и за студенти со кофинансирање и 55 вонредни студенти. Годинава ќе може да се запишат вкупно 1.035 студенти на пет различни студии.

- Уписите течат добро, според редовната постапка. Има интерес за сите студии. Ние сме еден од ретките факултети што во првиот циклус нудат настава на странски јазик - политички студии на англиски јазик. Бројките се пополнуваат, но има слободни места и во редовната и во квотата со кофинансирање – објаснува проф. д-р Неда Здравева, продекан за настава.

Првиот ден од првиот уписен рок на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) се пријавиле 80 проценти од кандидатите кои имале поднесено електронска пријава.

- Задоволни сме од интересот и очекуваме сите останати кандидати, како и оние матуранти кои уште не одлучиле на кој факултет ќе студираат, да се јават во текот на утрешниот ден. Интересно е што голем дел од кандидатите до последен момент не се одлучни каде ќе го продолжат своето академско образование. Ова е поттик за сите оние кои се заинтересирани за биотехничките науки да аплицираат на ФЗНХ во учебната 2018/2019 година – велат од факултетот.


Фото: Радован Вујовиќ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема