X
 20.06.2018 Образование

Зголемени квотите за упис на УКИМ, Правен и ФИНКИ добија најмногу нови места

Во студиската 2018/2019 година УКИМ има место за 11.661 студент, од кои 5.913 во редовна државна квота, а 4.573 редовни со кофинансирање

Најмногу нови студенти во новата студиска година има шанса да добијат Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Според Конкурсот за упис на нови студенти на УКИМ, квотата на Правниот факултет е зголемена за 315 студенти, а на ФИНКИ за 160.
На факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во прва година на прв циклус студии, во студиската 2018/2019 година, има место за 11.661 студент, од кои 5.913 во редовна државна квота, а 4.573 редовни со кофинансирање. Ако споредиме со ланскиот конкурс, УКИМ имал место за 10.818 бруцоши, што значи дека квотите се зголемени за повеќе од 800 студенти. На голем дел од факултетите квотите воопшто не се пополнуваат, а некои, пак, ги исполнуваат до последното место.




ФИНКИ со нови студиски програми

Кои факултети годинава нудат повеќе места, кои се соочуваат со намален број на потенцијални студенти, а кои ќе останат со истиот број? Најголеми разлики во квотите има кај Правен, ФИНКИ и ПМФ. Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) добил значително зголемување на квотите. За разлика од лани, тука има дополнителни места за 160 студенти. На овој факултет може да се запишат 1.100 студенти во седум нови студиски програми. ФИНКИ годинава нуди: Интернет, мрежи и безбедност (ИМБ), Компјутерска едукација (КЕ), Компјутерски науки (КН), Компјутерско инженерство (КИ), Примена на информациски технологии (ПИТ), Софтверско инженерство и информациски системи (СИИС) и Софтверско инженерство и информациски системи на англиски јазик.


Лани имаше голем интерес за техничките науки

Драстична разлика во квотите има кај Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој за разлика од лани добил право да запише плус 315 студенти. Годинава има место за 1.035 нови студенти, а лани имало за 720. Правните студии добиле најмногу студенти, дополнителни 225.
Природно-математичкиот факултет исто така има зголемување на квотата, за 120 студенти. Годинава има место за 1.235 бруцоши. Студиите по математика имаат дополнителни 25 места. Квотата за студиите за физика и хемија е зголемена за 10 студенти, а по етнологија за 5. Дополнителни 60 места има за студиите по биологија. Само студиската програма по географија останува со истиот број на места - 300.

Намалена е квотата на Педагошки

Архитектонскиот факултет нуди - петгодишни интегрирани студии од прв и втор циклус на архитектура. Тука годинава има место за 120 студенти, десет повеќе од лани. На Градежен факултет за трите насоки има 420 слободни места. Лани имало 338 слободни места. За насоката Геодезија, за разлика од лани, има дополнителни 40 слободи места, за Градежништво 20, а за Геотехничко инженерство 25. Економскиот факултет има место за 1.120 студенти. И тука е зголемена квотата за 70 студенти.
Факултетот за електротехника и информациски технологии за шесте насоки добил зголемување на квотите за 10 студенти. Овие дополнителни места се однесуваат на насоката Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија.
Машинскиот факултет останува со истата квота од 640 студенти и 11 студиски програми. Со 305 студенти, исто како лани, останува и Технолошко-металуршкиот факултет. Студиските програми Металургија, дизајн и менаџмент, Неорганско инженерство и заштита на животната средина, Полимерни материјали, Дизајн и инженеринг на облеката, Дизајн и менаџмент на технолошки процеси, Инженерство на материјали и нанотехнологии, имаат по 40 слободни места, а Прехранбена технологија и биотехнологија има 65.



Филозофскиот факултет останува со истата квота од лани - 1.095 слободни места. Најмногу студенти, односно по 120, може да се запишат на студиските програми Психологија, Безбедност, одбрана и мир и Социјална работа и социјална политика. Иста квота како лани има и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје - 300 студенти.
И Медицинскиот факултет има 630 слободни места, исто како лани. Стоматолошкиот исто така останува со квота од 130 студенти. Шумарскиот факултет има ист број на слободни места како лани, 150.
Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер има 135 слободни места. Факултетот за ветеринарна медицина ќе прими 50 студенти, а Факултетот за ликовни уметности 44 студенти. И Факултетот за музичка уметност има 139 студенти, исто како и лани. Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ има зголемување на квотата за 105 студенти, а Фармацевтскиот за 100 студенти. Факултетот за драмски уметности ќе може да запише плус тројца студенти.

Намалена е квотата кај Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“. За разлика од лани кога можело да се запишат 410 бруцоши, сега има место за 390. Со иста ситуација се соочува и Факултетот за земјоделски науки и храна. Тука квотата е намалена за 115 студенти, односно има 585 слободни места.

Пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок е на 30 и 31 август 2018 година, а конечните ранг-листи ќе се објават на 6 септември 2018 година. Вториот уписен рок е на 13 и 14 септември, а третиот на 25 септември 2018 година.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование