X
 07.03.2019 Наука

Што му се случува на мозокот кога не спиеме доволно?

Потребата за сон оди подалеку од обновувањето на нивото на енергија на секои 12 часа. Нашиот мозок всушност ја менува состојбата кога спиеме за да ги расчисти токсичните нуспроизводи на нервната активност од текот на денот.

Доволно чудно, истиот процес почнува да се случува и кај мозокот што е хронично лишен од сон - освен што се наоѓа во френетична состојба.

Истражувачите откриле дека лошиот сон предизвикува во мозокот да исчезнат значителен број неврони и синаптички врски, а надоместокот со сон не може да ја поправи штетата.

Невронаучници предводени од Мишеле Белеси од политехничкиот универзитет „Марше“ во Италија го испитувале одговорот на мозокот на лошите навики во спиењето и открија бизарна сличност помеѓу добро одморените глувци и глувците што не спиеле доволно.

Како и клетките на друго место во вашето тело, и невроните во вашиот мозок постојано се освежуваат со два различни типа глијални клетки што се нарекуваат „лепилото“ на нервниот систем.

Микроглијалните клетки се одговорни за чистење на старите и истрошени клетки преку процес наречен фагоцитоза - што на грчки јазик значи „да се проголта“.

Работата на астроцитите е да ги избрише непотребните синапси (врски) во мозокот за да се освежат и преструктурираат жиците. Знаеме дека овој процес се јавува кога спиеме, со цел да се расчисти невролошкиот товар од денот, но сега се чини дека истото се случува и кога не спиеме.

Но, наместо ова да биде добра работа, мозокот претерува со чистењето и започнува самиот да си нанесува штета.

Помислете на тоа како на ѓубрето што се чисти додека спиете, наспроти некој што доаѓа во вашиот дом по неколку непроспиени ноќи и неселективно ги исфрла фрижидерот, телевизорот и кучето.

- Првпат покажуваме дека дел од синапсите буквално ги јадат астроцитите поради недостигот на сон - вели Белеси.

За подобро да го испитаат ова, истражувачите го разгледале мозокот на четири групи глувци:

- Едната група била оставена да спие од 6 до 8 часа (добро одморени).
- Друга група била периодично разбудена (спонтано будење).
- Последната група била држена будна пет дена (хронично лишени од сон).

Кога истражувачите ја споредиле активноста на астроцитите во четирите групи, тие ја идентификува во 5,7 отсто од синапсите кај добро одморените глувци и 7,3 отсто кај спонтано разбудените глувци.

Кај хронично ненаспаните глувци забележале нешто различно: астроцитите ја зголемиле својата активност јадејќи дел од синапсите како што микроглијалните клетки јадат отпад - процес познат како астроцитна фагоцитоза.

Повеќето од синапсите што биле јадени кај групите ненаспани глувци биле најголемите, најстари и најмногу користени - што веројатно е добра работа. Но, кога тимот ја проверил активноста на микроглијалните клетки низ четирите групи, открил дека таа се зголемила кај групата ненаспани глувци. Тоа ги загрижило затоа што неограничената микроглијална активност е поврзана со мозочни заболувања како Алцхајмерова болест и други форми на невродегенерација.

- Откривме дека астроцитната фагоцитоза се јавува по акутно и хронично губење на сон, но не и по спонтано будење, што укажува на тоа дека може да ги промовира одржувањето и рециклирањето на истрошените компоненти на силно користени синапси - велат истражувачите.

Остануваат многу прашања, на пример, дали овој процес се реплицира кај човечкиот мозок и дали надоместувањето со спиење може да ја промени штетата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука