Пчелите се едни од најважните инсекти за природата. Но, во последно време уништувањето на нивните живеалишта направи хаос кај овие неверојатни суштества.
Колку и да се корисни за луѓето, пчелите не ја добиваат истата грижа и загриженост за нивната емоционална благосостојба како другите животни. Иако овие инсекти имаат мозок со големина колку семе од афион, неодамнешно истражување на екологот Стивен Бухман посочува дека тие можат да учат, да размислуваат и да чувствуваат слично како цицачите.
Неодамнешната книга на Бухман „Што знае една пчела: истражување на мислите, сеќавањата и личноста на пчелата“ ја собира работата на научниците поврзана со тоа како работат нивните мали мозоци. Работата на Бухман сугерира дека тие треба да имаат посебно место во нашата етичка шема. За Бухман и неколку други научници, она што го научиле за пчелите ги менува нивните истражувачки стратегии да бидат поетички, на исто ниво со стандардите поставени за цицачите, како глувците и мајмуните.
Фото: Freepik
Експериментите, чии резултати се обработени во книгата, го покажуваат сетилниот таен живот на пчелите. Ларс Читка, професор по сензорна и бихевиорална екологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, направил експеримент пред 16 години кога скрил роботски предаторски пајак во цвеќињата. Пајакот ја зграпчил непретпазливата пчела, а потоа ја пуштил. Читка забележал дека ослободените пчели научиле да го бараат пајакот и да го избегнуваат. Исто така, тој забележал симптом сличен на ПТСН (потсттрауматски синдром) кај претходно заробените суштества. Некои биле премногу исплашени да пристапат до цвеќиња што немале никаква опасност.
Во други истражувања е забележан наплив на допамин и серотонин во мозокот на пчелите кога им бил даден шеќер. Овие среќни пчели подоцна барале повеќе храна отколку ненаградените пчели. Спротивно на тоа, стресот го намалил нивото на овие среќни хормони. Исто така, голема е веројатноста пчелите да чуваат убави спомени за да се вратат на најдобрите цвеќиња.
- Голем дел од колегите прават инвазивни експерименти каде што на пчелите им имаат ставено електроди во различни делови од телото без каква било форма на анестезија. Ова треба да се преиспита. Постојат неколку прописи во врска со благосостојбата на пчелите - вели Бухман.
Пчелите се клучни за хранење на светот и опстанок на растенијата. Но, и ним им е потребна грижа. Првиот чекор во заштитата на пчелите е да научите повеќе за нив и нивниот живот.
- Овие уникатни умови, без разлика колку се разликуваат од нашите, имаат исто толку оправдувања за нивното постоење како и ние. Тоа е сосема нов аспект за тоа колку е чуден и прекрасен светот околу нас - вели Читка.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Freepik