Родовата застапеност е речиси еднаква – 47,6 отсто се жени, а 52,4 се мажи, соопшти Државниот завод за статистика
Вкупно 4.130 професори и соработници работат во високообразовните институции во оваа студиска година, а родовата застапеност е еднаква – 47,6 отсто се жени, а 52,4 се мажи, соопшти Државниот завод за статистика.
- Од вкупниот број, 2.961 (71,7 отсто) се професори, а 1.169 (28,3 отсто) се соработници во наставата – велат од Заводот.
Очекувано, најголем процент од кадарот е вработен на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Вкупно се вработени 1.782. Од нив 1.392 се наставен кадар, а 390 се соработници. Наставниот персонал го сочинуваат 717 жени. На УКИМ најмногуброен е кадарот на Медицински факултет, каде што работат вкупно 565 вработени - 292 како наставен кадар, а 273 како соработници.
На скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ се вработени вкупно 1.782 - 1.392 се наставен кадар, а 390 се соработници
Државниот универзитет во Тетово е втор по бројот на вработен кадар – со вкупно 709 вработени. Од нив 363 се професори, а 346 соработници. Од наставниот персонал – 85 се жени, а 278 се мажи.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола работат 342, од кои 306 се наставен кадар, а останатите 36 се соработници. Најмногубројни се на Техничкиот факултет - вкупно 54. Речиси сите се дел до наставниот кадар, а само еден е соработник.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има вкупно 532 вработени, од кои 345 се наставен кадар, а 187 се соработници. Слично како на УКИМ, најмногубројни се на Медицинскиот факултет - вкупно 206, од кои 95 се наставен кадар, а 111 соработници.
На охридскиот Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ има 30 вработени, од кои 19 се професори, а 11 – соработници.
На најновиот државен универзитет „Мајка Тереза“ има вкупно 40 вработени - 23 наставен кадар и 17 соработници.
Интересна е статистиката на верските факултети. На Православниот богословски факултет има 18 вработени - 9 наставен кадар и 9 соработници. Од наставниот кадар две се жени. На Факултетот за исламски науки има вкупно 17 вработени - сите се наставен персонал и сите се мажи.