X
 03.09.2021 Економија

Во Македонија има 150.141 невработен, од кои 93.429 се на возраст од 25 до 49 години

Во второто тримесечје од 2021 година активното население во Македонија изнесува 945.412 лица, од кои вработени се 795.271, а 150.141 лице се невработени. Стапката на активност во овој период е 56,2, стапката на вработеност 47,3, додека стапката на невработеност изнесува 15,9. покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.



Податоците на ДЗС покажуваат дека 59,1 отсто од вработените, односно 469.733 лица се мажи, додека 40,9%, односно 325.538 се жени. Од невработените, пак, 95.883 се мажи, а 54.258 жени. Бројот на неактивно население во земјава е 736.450, од кои 275.646 се мажи, а 460.804 жени.

Вкупниот број на работоспособно население во земјава во второто тримесечје од годинава изнесува 1.681.862.



Доколку се анализираат податоците според возрасни групи и по пол, може да се забележи дека најголем број од работоспособното население е на возраст од 25 до 49 години (627.927), па последователно и бројот на вработени и невработени е најголем во таа возрасна група - 534.498 вработени и 93.429 невработени лица се на таа возраст. Од тие 534.498 вработени, 304.570 се мажи, а 229.928 се жени. Во однос на невработените 93.429 лица на возраст од 25 до 49 години, 56.978 се мажи, а 36.451 се жени.



Во однос на другите возрасни групи, на возраст од 15 до 24 години има 40.243 вработени и 24.502 невработени; на возраст од 50 до 64 години има 210.168 вработени и 32.122 невработени. На возраст од 65 и повеќе години има 10.362 вработени.

Кога станува збор за неактивно население, најбројно е она на возраст од 65 и повеќе години (244.771), а потоа следуваат оние на возраст од 15 до 24 години (175.664), оние на возраст од 50 до 64 години (167.737) и последни се оние на возраст 25 до 49 години (148.278).

Анализата на податоците за вработените според секторите на дејност и видот на сопственоста на деловните субјекти покажува дека 597.741 лице работат во деловни субјекти во приватна сопственост, додека 197.530 во субјекти во друга сопственост. Најголем број вработени има во секторот преработувачка индустрија (156.256), а потоа следуваат секторите трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (120.782), земјоделство, шумарство и рибарство (93.072) итн. Притоа, бројот на вработените во образование изнесува 50.567 лица.



Од вкупно вработените 795.271 лице во земјава, вработени се 651.591 лице, 35.554 се работодавци, 73.081 се вработени за сопствена сметка и 35.044 се неплатени семејни работници.



Кога станува збор за школската подготовка на активното население, податоците на ДЗС покажуваат дека од целото активно население, најголем дел се со завршено 4 години средно (459.597). Истовремено, 248.341 лице се со високо, 134.647 се со основно, 66.760 со 3 години средно, 18.932 со вишо образование, 14.304 со незавршено основно и 2.831 се без образование.

Најголем дел од вработените лица во второто тримесечје од годинава се со завршено 4 години средно образование (вкупно 391.158 лица). Вкупно 219.913 вработени лица се со високо образование, 103.749 се со основно, 52.352 се со 3 години средно, 15.746 се со вишо и 11.046 се со незавршено основно образование.

Од друга страна, најголем број невработени се со 4-годишно средно образование (68.440), по што следуваат оние со завршено основно (30.898), а веќе на третото место се оние со високо образование (28.427). Потоа следуваат лицата со 3 години средно образование (14.408), оние со незавршено основно (3.258), оние со вишо образование (3.186) и на крај оние без образование (1.523).


Фотографии во текстот: Државен завод за статистика
Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија