X
 04.09.2020 Наша тема

Короната го дотепа бројот на нови бракови. Колкумина се одлучија да се појават пред матичар?

Последнава деценија континуирано се намалува стапката на склучени бракови, а се зголемува стапката на разводи

Пандемијата на коронавирусот влијаеше и врз бројот на склучени бракови во изминатава половина година. За некои, склучување брак без правење веселба или свадба не бидува, за други - веселбата е небитна, а кај дел од паровите врз одлуката за брак влијаело и чувството на (не)сигурност во вонредните услови поради Ковид-19. Како се менуваше нивниот број и што да очекуваме за наредниот период? Последнава деценија континуирано се намалува стапката на склучени бракови, а се зголемува стапката на разводи.

Бројот на склучени бракови беше значително низок откако почнаа вонредните мерки за заштита од коронавирусот. Голем број од идните сопружници се одлучиле на брак откако Управата за водење на матични книги овозможила матичарите да ги регистрираат и на отворен простор, во дворот или на терасата од домот, или пак, на отворените тераси во одредени ресторани. Па така, по долгиот период на одолжување и откажување на датумите за склучување брак, од неодамна почна да расте бројот на парови што одлучиле да стапат во брачна заедница.



Не се знае што да се очекува кога ќе залади

Надлежните од Управата велат дека веќе се резервирани сите термини во викендите од овој месец и очекуваат бројот на склучени бракови во септември драстично да порасне за разлика од претходните месеци.
- Сега регистрации правиме и во понеделник, дури и во текот на работните денови. Идните брачни парови се свесни дека ако не го искористат овој месец, кога можат да направат регистрација на отворено, потоа шансата може да им биде дури следното лето, со оглед на тоа дека не знаеме каква ќе биде епидемиолошката слика за оваа есен и зима и нема да бидеме во можност да правиме регистрации на отворено - посочуваат од Управата за водење матични книги.

Оттаму велат дека иако регистрација се прави на отворено, присуството на гостите е сведено на минимум и се почитуваат сите пропишани мерки за заштита, како одржување дистанца, носење маски и дезинфекција.
- Претходно идните брачни партнери ги регистриравме во просториите на Управата, во присуство на матичарот, брачните партнери и нивните двајца сведоци. Сега бројот на присутни на склучувањето на бракот е поголем, но, сепак, во рамките на дозволените пропишани мерки - нагласуваат од Управата.

Годинава склучени 70 отсто помалку бракови

Статистиката покажува во месеците април, мај и јуни биле склучени речиси 70 отсто помалку бракови за разлика од истиот период лани. Според податоците на Државниот завод за статистика во второто тримесечје за 2020 година, бројот на склучените бракови е намален за 66,5 отсто во споредба со истиот период од 2019 година и за месеците април, мај и јуни изнесува 1.147 бракови.
Најголем број склучени бракови во овие три месеци имало во Скопје (291), па Тетово со 74 регистрирани бракови и Липково со 65.



Бројот на склучените бракови за истиот период од минатата година, пак, изнесува 3.247.
За споредба, во првото тримесечје, односно за месеците јануари, февруари и март бројот на склучени бракови бил 2.229.
Статистиката во Управата за водење на матичните книги покажува дека во март годинава само во Скопје биле склучени помалку од 100 брака, што е намалување за 70 отсто во споредба со истиот период лани, кога биле склучени 700 граѓански бракови.
Годинава во март во целата земја биле склучени околу 950, а лани во март 1.144. Во април годинава биле склучени 268 бракови, а лани истиот месец биле склучени 1.166. Во мај годинава имало 366 склучени граѓански бракови, а минатата година 1.147.
Во јуни годинава имало 566 склучени бракови, а минатата година 1.436.
Податоците за склучени бракови за јули и август годинава не се познати и се ажурираат во Управата за водење на матични книги.

Нема свадба - нема брак


Демографот Дончо Герасимовски посочува дека главна причина за ваквото драстично намалување на бројот на склучени бракови е тоа што вториот квартал од годината, односно тие три месеци во сила биле мерките за заштита од коронавирусот, односно карантински период кога било ограничено движењето на луѓето, беа забранети групирања на повеќе од пет луѓе и сите закажани регистрации и венчавки се откажувале.

- Првиот квартал од годинава покажа добри бројки, односно имаше над две илјади склучени бракови. Тоа е солидна бројка како за почеток на година. Но, вториот квартал потфрли поради пандемијата на Ковид-19. Традиција во земјава е по повод склучување брак да се прават големи веселби, па затоа и многу од закажаните регистрации овој период беа одложени. Сето ова директно ќе се одрази врз наталитетот во земјата следната година - посочува демографот Герасимовски.



Што сè влијае врз бројот на бракови

Професорката Македонка Радуловиќ, раководител на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет, вели дека трендот на намалување на склучените бракови не е нов и во последната деценија континуирано се намалува стапката на склучени бракови, а се зголемува стапката на разводи.

- Ваквата состојба може да се препише на повеќе фактори, меѓу кои се економската состојба, невработеноста на младите и неможноста за економска независност, променетата улога на жените (желбата за образование и кариера), променетите семејни вредности и изразената индивидуалност кај младите луѓе - посочува професорката.

Сепак, според неа, бројките од последниве месеци не можат да се земат како реален показател.
- Стравот и неизвесноста околу глобалната криза со коронавирусот влијаат врз емотивната состојба, па затоа луѓето ги одложуваат сите поважни одлуки во животот и се фокусираат да останат безбедни и здрави. Треба да се земе предвид дека ние сме традиционално општество, па свадбената прослава има големо значење за двојките што сакаат да стапат во брак. Затоа и многу од нив се спремни да го одложат бракот додека не се создаде можност да го склучат во „нормални“ околности - смета Радуловиќ.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема