X
 07.07.2019 Живот

Туристичките автобуси веќе не се добредојдени во центарот на Париз

Веројатно нема поефикасен начин да се види Париз од возењето во панорамски автобус. Сите тие убавини - Ајфеловата кула, музејот „Лувр“, Богородичната црква, Шанзелизе - поредени една по друга, а сè што треба да правите е да седите, да фотографирате и по можност да се симнете за да ја видите „Мона Лиза“, па повторно да се вратите во автобусот. Тоа е сон, особено за оние што имаат малку време или ограничена мобилност.

Секој ден десетици такви автобуси возат низ центарот на Париз. Но, колку и да се добри автобусите за туристите, тие се трн в око за локалните жители бидејќи го кочат сообраќајот.

Сепак, кога би се прашувале локалните власти, овие автобуси може и да не постојат уште долго. Заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоaр, неодамна откри план за отстранување на автобусите за туристи од жариштата.

- Веќе не ги сакаме туристичките автобуси, предизвикуваат тотална анархија низ Париз. Ќе направиме паркинзи надвор од градот за автобусите да престанат да доаѓаат во Париз. Веќе нема да бидат добредојдени во градот - истакна тој.

Посетителите ќе можат да го разгледаат градот со јавен транспорт, како и сите други, додаде заменик-градоначалникот.

Иницијативата е дел од борбата на градот против преголемата посетеност од туристи, што ги покачи кириите, предизвика штрајк на вработените во „Лувр“ и постојано предизвикува редици туристи што чекаат со часови за да ги видат знаменитостите во градот. За билет за посета на Ајфеловата кула се чека и по три недели, а на посетителите им се препорачува да букираат и три месеци порано за да не останат разочарани. Неколку основни училишта беа затворени поради малиот број запишани ученици, а родителите го наведуваа влијанието на „Ербиенби“ на цените на недвижностите како главна причина.

И други европски градови се соочуваат со слични проблеми и преземаат слични мерки. Така, Рим минатата година го забрани облекувањето како историски личности и позирањето со туристи, а го ограничи и времето кога туристичките автобуси можат да поминуваат низ центарот на градот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот