X
 03.12.2018 Живот

Што се случува во Франција?

Последица на насилните протести во Париз, покрај 100 ранети и 400 уапсени, е и разбиената глава на статуата на Мариен, симболот на Франција, сместена на славната Триумфална порта.

Разбиената глава на националниот симбол на Франција е можеби најзначајниот симбол на протестите, кои открија голема дупка во француската политика создадена од страна на претседателот Емануел Макрон.

Фото: Index

Протестите на „жолтите елеци“, кои почнаа како бунт против покачувањето на цената на горивата, се претворија во пошироко движење насочено против Макрон. Имено, токму неговиот избор за претседател во 2017 година речиси ги уништи двете партии што владееја со Франција во последните 30 години, односно неговото политичко движење кое беше лансирано една година пред претседателските избори, при што неговата главна конкурентка за претседателската фотелја доаѓаше од редовите на крајната десница. 40-годишниот Макрон се позиционира како центрист и реформатор и се надеваше дека ќе воспостави политички консензус на центарот.

Насилни протести како симбол на фрустрациите на Французите

Наместо тоа, популарноста на Макрон е рекордно ниска, неговата иницијатива „Република во движење“ сè уште е далеку од вистинска политичка партија, а претседателот се соочува со отпор во земјата, особено надвор од големите градови. Движењето „Жолти елеци“ всушност е симбол на фрустрациите на Французите за младиот лидер чии реформи се перципираат како корисни за богатите, а стилот како арогантен и дрзок.

Фото: Index

- Протестите на „жолтите елеци“ веројатно ќе ослабнат, но не и нивниот гнев, кој веројатно ќе добие нови облици, можеби и уште поопасни за Макрон. Тешко е да се предвиди како Макрон ќе ја доврши планираната реформа на пензискиот систем без нова крв по тротоарите - вели Џим Шилдс, професор по француска политика на британскиот Универзитет „Варвик“.

Она што е особено интересно во врска со движењето „жолти елеци“ е дека станува збор за таканаречено органско движење, организирано преку социјалните мрежи, кое нема класично водство. Во изминатите две недели „жолтите елеци“ организираа повремени и претежно мирни блокади на патиштата, но саботните протести во Париз ескалираа и по насилствата имаше повеќе од 100 ранети и повеќе од 400 уапсени, запалени автомобили и ограбени продавници во центарот на француската престолнина.

Фото: Index

„Немаме за храна до крајот на месецот, а Макрон ни вели да купиме електрични автомобили“

Името доаѓа од жолтите елеци што возачите мора да ги имаат во своите автомобили, а сè започна како бунт против високите цени на горивата, кои се воведени за да се намалат штетните емисии, но во меѓувреме беа додадени низа барања кои, според анкетите, ја имаат поддршката од дури три четвртини од Французите.

- Ние зборуваме за трошоци за живот, а Макрон ни зборува за екологија. Неговото решение за луѓето што не можат да си дозволат храна до крајот на месецот е инсталација на соларни панели и купување електрични автомобили - вели 33-годишниот пожарникар Жофр Дени.

Фото: Index

Тој пропатувал повеќе од 200 километри во својот жолт елек за да оди на протести.

- Плаќаме сè повеќе и повеќе за помалку услуги. Каде одат тие пари - прашува Дени и додава дека движењето „жолти елеци“ би требало да се фокусира на основните нешта, како платите на политичарите, враќањето на данокот на богатство, пензиите и минималните плати.

Движењето „Жолти елеци“ е поделено на умерени, кои сакаат да создадат структура која потоа би преговарала со владејачката структура, и радикали, кои одбиваат каков било облик на водство.

Фото: Index

Кој ќе ги добие гласовите на „Жолтите елеци“, крајната десница или крајната левица?

Движењето „Жолти елеци“, барем во оваа фаза, веројатно нема да прерасне во политичко движење како италијанското движење „Пет ѕвезди“ затоа што му недостига харизматичен лидер, предвидува Силван Булук, историчар и автор на книги за екстремистички партии. Но, нивните гласови на изборите сигурно нема да одат кај републиканците од десниот центар или социјалистите од левиот центар - водечките партии во политичкиот естаблишмент на Франција.

Фото: Index

Имено, ниедна од тие партии сè уште не закрепнала од маргинализацијата на изборите во 2017 година, кога во вториот круг на претседателските избори останаа Макрон и крајната десничарка Марин Лепен.

- Станува збор за движење кое ги презира сите институции и естаблишментот. Нема да гласаат за партии што ги сметаат за одговорни за сè што се случи во последните 30 години - предвидува Булук.

Гласовите на „жолтите елеци“, вели тој, ќе бидат поделени меѓу крајниот десен Национален фронт, предводен од Марин Лепен, и крајната лева партија, која ја предводи Жан-Лук Мелашон.

Фото: Index

Следува ли прогласување на вонредна состојба?

Емануел Макрон во саботата, додека Париз гореше, беше во Аргентина на Самитот на Г-20. Веднаш по враќањето во неделата тој ја посети оштетената Триумфална порта и одржа итен состанок со своите најважни министри. По 90-минутниот состанок немаше никакви изјави. Француските власти, ако се суди по зборовите на министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, размислуваат за прогласување вонредна состојба.

Фото: Index

Пред францускиот претседател сега стои тежок избор - или ќе ги прекрши сопствените ветувања за реформите или дополнително ќе ја загрози својата и онака рекордно ниска популарност.

Фото: Index

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот