Иако ни звучи како добра идеја да останеме студенти што е можно подолго, тоа всушност не е идеално сценарио.
Секако, летните и зимските одмори и занимавањето само со учење и понекоја семинарска, релативно брзото наоѓање студентска работа, спиење до пладне итн. се предности од кои тешко се одвикнуваме.
Штом еднаш ќе ја земеме дипломата в раце или ќе почнеме да работиме со договор, можеме да заборавиме на многу од споменатите нешта, а на нивно место доаѓаат работи како: никогаш веќе нема да има летни одмори долги неколку месеци, станување наутро секој ден, работа секој ден од 9 до 17 часот и така уште 40 години, а годишниот одмор трае само две недели. И сето тоа ако најдете работа. Тоа воопшто не е примамливо. За никого.
За да можат да го избегнат сценариото „невработен и со диплома“, понекогаш луѓето се одлучуваат да ги пролонгираат студиите, што всушност не е добра идеја, иако ви се чини така. Понекогаш треба да се запрашаме дали вреди да се развлекува агонијата која и онака нè чека?
Еве неколку причини зошто е супер студиите да се завршат навреме:
Досадно е
Кога сте прва година на факултет, сè е сјајно, ново и интересно. Но, по неколкугодишно искуство сте ги поминале сите испити, сте ги виделе сите неправди, сте ги запознале професорите подобро... Зарем не е доста од појавување кај истите луѓе, на истото место и по толку години? Зарем не станува напорно тоа „Колега, повторно вие?“
Долго не сме се виделе
По една година седење дома, особено сега за време на пандемијата, враќањето на факултет и полагањето на истите испити што сте ги полагале пред месеци веќе станува непријатно. Сите ве знаат, тетките од студентски прашања знаат сè за вас, а тетките во мензата знаат која ви е омилена храна, келнерот од кафе-барот во близина ти вели дека не те видел една година. „Како тоа уште си тука?“ е прашање кое сигурно на никој не му е мило да го слушне, зарем не? Уште полошо е ако професорот ви каже: „Ако можевте да чекате една година, ќе можете и неколку часа“. Зини земјо, отвори се.
Нема вистински летен одмор
Иако тоа е голем плус во студентскиот живот, со текот на времето се губи и таа магија. И додека на почетокот на студиите е полесно да се поднесе тоа седење дома половина лето за да се положат испитите, сега тоа станува особено тежок напор, особено ако тоа е, на пример, 6. лето по ред кога се потите во град. Покрај тоа, веќе не ни сакате да ги гледате социјалните мрежи каде што екипата од генерацијата која дипломирала навреме ги објавува фотографиите од дипломите, плажите, журките, патувањата и слично. А вие седите и учите. Повторно.
Не сте во форма
За жал, сите оние хорор-приказни за кои сме слушале од пријателите, фамилијата и колегите, дека е најлошо одново да се почне, излегуваат вистинити. Веќе по неколку месеци е тешко повторно да се почне со учење, а не пак по една или повеќе години. Да, можеби досега сте работеле или уживале и тоа е во ред, но до одредени граници. И кога изгледа лесно она „тоа веќе го поминав“ или „внимателно го слушав тоа на предавањата, па морам само да повторам и добро е“, реалноста сепак пишува друга приказна бидејќи помеѓу хонорарното работење, излегувањето, животот без книги и гледањето пола од базата на „Нетфликс“ не е лесно одеднаш да се седне и да се врати на некој стручен материјал. Како што би рекле и експертите, по тешка повреда не можеме веднаш да се вратиме во форма - прво е потребна рехабилитација!
Она кобно прашање. Или неколку такви
Пред завршувањето на факултетот сите се плашиме од неколку различни прашања. Можеби не ни е толку страв од прашањата колку од незнаењето на одговорите. „Кога мислиш да завршиш? Што ти остана за полагање? Кога мислиш? Зошто го остави? Аха, уште не си? А до кога мислиш?“ и останати варијации на темата. Штом еднаш ќе им кажете збогум на академските ходници, ваквите прашања остануваат таму.
Ослободување од непотребниот товар
Последна година. Одложуваш неколку испити за налето, па наесен, па за февруари и еве нè пак во круг: јули, испитни рокови. И додека помина цела една година во која сигурно се случиле толку нешта што во еден момент можеби и си заборавил дека студираш, со доаѓањето на потоплото време доаѓа и некој прашалник в глава и чувство на притисок. Па да, тоа се роковите! Каде се скриптите? Кога воопшто полагам? Ја знам ли уште лозинката за најавување во системот? Ова се само дел од стресните прашања кои надоаѓаат одеднаш, како ерупција на вулкан.
Продолжуваш понатаму, животот не завршува со студентските денови
Да, штом еднаш ја имаш дипломата в раце, а и ако не си од тие среќници што работат по струка, па кога ќе завршат, шефот веднаш им нуди нормален договор за работа, почнуваат пријавувањата во она црно место, оној десетти круг од пеколот - бирото за вработување. Но, тоа не е крај на светот. Со дипломата в раце никој не ве обвинува ако една недела само одмарате и само спиете.
Најдоброто за крај - роднините нема во секој разговор да ве прашуваат дали учите и кога ви се испитите. Уште еден плус на преминувањето во сериозниот живот на возрасните е и тоа кога ќе се свртите и ќе ги видите новите бруцоши, па ќе согледате колку сте пораснале. Колку нивните теми и „големи животни проблеми“ всушност и не се толку големи, барем за вас.
Фотографии: Freepik