X
 07.10.2019 Образование

За образованието да се одвојат 5 проценти од БДП, бара Стопанската комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија бара да се зголемат средствата од Буџетот за финансирање на образованието од сегашните 3,7 проценти од БДП на 5 проценти од БДП. Со повеќе средства за финансирање на образованието ќе се одвојуваат повеќе пари по ученик, ќе се инвестира повеќе во условите за подобрување на образовниот процес и ќе се зголемат платите на наставниците како најодговорни за создавање образован и стручен кадар што може да повлече економски развој и раст на државата.

Средствата што сега се одвојуваат, велат од Комората, не само што не се доволни, туку се и далеку од просекот на ОЕЦД.

- Доколку државата сака да има квалитетно образование кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри, мора да ги зголеми инвестициите во образованието. Со образованието не смее да се експериментира ако сакаме да имаме економски развиена и богата држава - рече денеска на прес-конференција Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Образложувајќи го барањето за зголемување за 50 проценти на средствата што се издвојуваат сега, Јаневска наведе дека од 2011 до 2016 година трошоците за образование во државата како процент од БДП се намалиле од 4,6 проценти на 3,7 проценти. Просекот на земјите во ОЕЦД е 5 проценти од БДП, а нашата земја, посочи Јаневска, одвојува за 25 проценти помалку средства од тој просек. Словенија одвојува 4,3 проценти од БДП или 14 проценти помалку од просекот на ОЦЕД, а Финска 5,7 проценти од БДП или 35 проценти повеќе од одвојувањето што го прави нашата држава во однос на БДП.

Според Јаневска, нашата држава многу малку инвестира во образованието по ученик, што во основното образование лани изнесувало 995 долари, во средното 1.355, а во високото образование 1.198 долари. Просекот во ОЕЦД изнесува 8.500 долари во основното, 10.100 долари во средното и 15.500 долари по ученик во високото образование.

Јаневска потенцира дека врвен приоритет на државата треба да биде привлекување на најдобрите наставници во професијата со оглед дека имаат клучна улога во животот на учениците што потоа се одразува и врз иднината на општеството во целост. За да се постигне тоа, како што рече, треба да бидат обезбедени повеќе предуслови за кариерен развој и за работните услови, а не помалку важно е и вреднувањето на нивната работа.

Според податоците од Државниот завод за статистика, лани реалната исплатена нето-плата во основното образование изнесувала 394 долари, во средното 445 долари, а во високото образование 626 долари.

- Споредено со просекот за плати во ОЕЦД, кој изнесува 3.075 долари за наставниците во основно образование, а 3.384 долари во средно образование, нашите наставници земаат 2.681 долар помалку во основното и 2.393 во средното образование - рече Јаневска.

(Извор МИА)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование