X
 07.10.2025 Живот

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи одржа рок-концерт

Само неколку недели пред парламентарните избори, а многу кратко откако клучен сопартиец се повлече од трката поради поврзаност со човек обвинет за шверц на дрога, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи промовира книга на еден многу невообичаен начин - со рок-концерт на кој главниот вокал беше самиот тој.

Милеи направи вистинско шоу на настан на кој ги спои музиката, политиката и малку провокација. Тој на сцената се качи придружен од ритамот на „Panic Show“ и беше поздравен со овации од илјадници либертаријански поддржувачи.

Среде политичка криза предизвикана од оставката на Хозе Луис Есперт, кој наводно добивал пари од Федерико Мачадо, кој е обвинет за шверц на дрога и перење пари, Милеи вчеравечер одржа голем настан во арената „Мувистар“, каде што ја претстави својата книга „Конструкција на чудото“.

Претседателот се качи на сцената во придружба на ритамот од песната „Panic Show“ од „Ла Ренга“, додека илјадници негови приврзаници го извикуваа неговото име.



Настанот беше комбинација од политички говор и музички перформанс. Меѓу членовите на бендот што го придружуваа претседателот беа пратеничката Лилија Лемоин и Алберто (Берти) Бенегас Линч, кои изведоа верзија на песната „Demoliendo Hoteles“ од Чарли Гарсија. Милеи ја претстави Лемоин како „уништувач на политичките драми и манипулации на опонентите“ и со помош на музика со гитара го истакна кандидатот за национален сенатор Хуан Пабло Бенегас Линч.

Напнатост околу арената „Мувистар“


Пред почетокот на настанот биле забележани моменти на напнатост меѓу опозициските демонстранти и активистите на провладината организација „Лас фуерсас дел сјело“ („Силите на небото“). Двете групи се соочија во зоната околу паркот Лос Андес, само неколку метри од арената, разменувајќи слогани и повици, додека полцијата и силното обезбедување се обидуваа да ги држат разделени.

Целта на полицијата беше да спречи посериозни инциденти и да обезбеди пристап за симпатизерите на „Ла либертад аванза“ до арената, каде што се очекуваше претседателот да ја претстави својата книга и да настапи со бенд во живо.

Критики од опозицијата


Настанот предизвика остри критики од опозициски политичари Мартин Лусто и Рикардо Лопез Марфи, кои ја опишаа активноста на претседателот како „изгубен работен ден“ и ја споредија со „роденденска забава“, доведувајќи во прашање дали е соодветно да се одржува ваков спектакл во време на силна политичка напнатост.

Извор: Rionegro.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот